Првпат на листата за признанието на ФИФА се Ван Дајк, Мане, Де Јонг и Де Лихт, а шестмина беа во игра и лани – Роналдо, Салах, Мбапе, Меси, Азар и Кејн

Шестмина фудбалери од минатата година одново се во трка за престижното признание на Светската фудбалска федерација (ФИФА), наградата „Најдобар“. На листата се Португалецот Кристијано Роналдо од Јувентус (лани втор), Египќанецот Мохамед Салах од Ливерпул (трет), Французинот Килијан Мбапе од ПСЖ (четврти), Аргентинецот Лионел Меси од Барселона (петти), Белгиецот Еден Азар од Реал, а до мај во Челси (седми) и Англичанецот Хари Кејн од Тотенхем (минатата година десетти).
Годинава на листата се и уште двајца играчи на Ливерпул, Холанѓанецот Вирџил ван Дајк и Сенегалецот Садио Мане, како и двајца доскорашни фудбалери на Ајакс, Френки де Јонг, кој сега е во Барселона, и Матијас де Лихт, новиот фудбалер на Јувентус. Тие првпат се во конкуренција за оваа награда на ФИФА. Лани во игра беа и победникот, Хрватот Лука Модриќ, Французите Антоан Гризман и Рафаел Варан и Белгиецот Кевин де Брујне.

Во трката за најдобар тренер на сезоната се Јирген Клоп (европски првак со Ливерпул), Пеп Гвардиола (шампион на Англија со Манчестер сити), Дидие Дешамп (селектор на светскиот првак Франција), Џамел Белмади (селектор на првакот на Африка, Алжир), Рикардо Гарека (селектор на Перу), Марсело Галјардо (тренер на јужноамериканскиот шампион Ривер Плата), Маурицио Почетино (кормилар на европскиот вицешампион Тотенхем), Тите (селектор на Бразил, првакот на Јужна Америка), Фернандо Сантос (селектор на европскиот првак и победник на Лигата на нации, Португалија) и Ерик Тен Хаг (тренер на полуфиналистот во Лигата на шампионите и првак на Холандија, Ајакс).
Кај фудбалерките по четири кандидатки се од светскиот првак, САД, и од европскиот клупски шампион, Лион. На листата се Луси Бронз (Англија, Лион), Џули Ерц (САД, Чикаго), Каролин Грахам Хансен (Норвешка, Волфсбург и Барселона), Ада Хегерберг (Норвешка, Лион), Амандин Анри (Франција, Лион), Сем Кер (Австралија, Чикаго и Перт), Роуз Лавел (САД, Вашингтон), Вивиан Миедема (Холандија, Арсенал), Алекс Морган (САД, Орландо), Меган Рапино (САД, Реин), Венди Ренар (Франција, Лион) и Елен Вајт (Англија, Бирмингем и Манчестер сити).

Церемонијата на доделување на наградите е закажана за 23 септември во Милано. Во гласањето ќе учествуваат фудбалерите, тренерите, медиумите и фудбалските симпатизери, секој со учество од по 25 проценти.


Роналдо 14-та година по ред е кандидат

ФИФА оваа награда ја доделува самостојно од 2016 година, а дотогаш, од 2010 година ја доделуваше наградата „ФИФА златна топка“ заедно со францускиот магазин „Франс фудбал“. Претходно ФИФА имаше слично признание, со име „Светски фудбалер на годината“, кое се доделуваше од 1991 година. Кога ќе се соберат сите овие награди, во водство се Кристијано Роналдо и Лионел Меси со по пет признанија. Роналдо ја продолжи низата и 14-та година по ред (првпат во 2006 година) е во трка за наградите што ги доделува ФИФА.