Французите на ЕП 2000 ја освоија втората титула првак на Европа, по пауза од 16 години, како дополнување на светската круна од 1998 година, откако во вистински трилер-меч во финалето ја совладаа Италија со 2-1

ФУДБАЛ – ШЕЕСЕТ ГОДИНИ ЕВРОПСКИ ПРВЕНСТВА (11)

Домаќини на едно фудбалско Европско првенство (ЕП), тоа во 2000 година, првпат беа две земји, Белгија и Холандија. На 11-то ЕП повторно учествуваа 16 репрезентации, кои натпреварите ги играа во осум града, во Бриж, Шарлроа, Лиеж, Брисел (Белгија), Арнхем, Ајндховен, Ротердам и во Амстердам (Холандија). Франција по пауза од 16 години ја освои втората титула првак на Европа, како дополнување на круната од Светското првенство (СП) во 1998 година, откако во вистински трилер-меч ја совлада Италија, со 2-1, на стадионот на Феенорд, „Де Кујп“, во Ротердам.
„Аѕурите“ поведоа со голот на Марко Делвекио во 55-та минута, а потоа во 90-та Силвен Вилтор израмни на 1-1, а Давид Трезеге го постигна т.н. „златен гол“, во 103-та минута, по што, според тогашните правила, мечот заврши.

– Ја удрив топката штом падна пред мене на тревата. За среќа, влезе во мрежата и станавме првата репрезентација што победува на европски шампионат по освојување на светско првенство. Тоа беше голем успех за нашата земја – изјави Трезеге.
Од тоа ЕП за издвојување е и елиминацијата на Холандија од Италија во полуфиналето, на пенали, 1-3. Италијанците од 30-та минута играа со 10 фудбалери по исклучувањето на Џанлука Ѕамброта, но Франческо Толдо, голманот на Италија, одбрани дури три пенали, еден во регуларниот дел од мечот и два во пенал-рулетот. Во второто полуфинале, Франција беше подобра од Португалија, 2-1, исто така со „златен гол“, во 117-та минута.

За најдобар фудбалер на турнирот беше прогласен Зинедин Зидан, кој постигна два гола и имаше две асистенции, и потоа изјави: „Не одиграв ништо посебно“. Капитен на „триколорите“ беше Дидие Дешам, кој во 2018 година во Русија како селектор стана светски првак. Селектор на Франција тогаш беше Роже Лемер, кој две години порано, на СП 1998, му беше помошник на Еме Жаке. Французите ја освоија првата голема титула на страна, откако претходно двапати победуваа на домашно тло, на ЕП 1984 и на СП 1998.

– Чувствувавме голем притисок по освојувањето на титулата светски првак да ја освоиме и титулата шампион на Европа. Но тоа беше позитивен притисок за нас. Мислев дека ќе го загубиме финалето, но нашето искуство ни помогна. Знаевме дека Италијанците ќе ја затворат играта и дека тоа е крај на приказната, но ги зачувавме нервите. Тие мислеа дека веќе се прваци, но очигледно натпреварот се игра додека судијата означи крај – изјави Емануел Пети.
Тоа ЕП се смета за едно од најквалитетните и највозбудливи во историјата, а без конкуренција и најефикасно, со постигнати 85 гола на 31 натпревар или во просек по 2,74. Најефикасни со по пет гола беа Саво Милошевиќ (Југославија) и Патрик Клајверт (Холандија).


Европското фудбалско првенство одложено за идната година е јубилејно, откако годинава, кога требаше да се игра шампионатот, се навршуваат 60 години од првото, одржано во 1960 година. „Нова Македонија“ периодично објавува приказни за минатите првенства на Стариот Континент, за неговата еволуција, за поединците и за репрезентациите што го обележија ова натпреварување

[email protected]