Глобалнaта унија на фудбалери (ФИФПРО) е загрижена во врска со квалификациските натпревари идниот месец во Јужна Америка, за пласман на Светското првенство (СП) во 2022 година, поради високата стапка на заразени лица од ковид-19 во тој регион, тешкотиите при патувањата и карантините при враќањето во Европа, објави „Ројтерс“.
– На играчите треба да им биде овозможено сами да одлучат дали ќе играат. Тоа е регион што е силно погоден од ковид-19 и постојат одредени ограничувања и препораки за патувања – изјави генералниот секретар на ФИФПРО, Јонас Баер-Хофман.
Азија и регионите на Северна Америка ги одложија квалификациите до март 2021, а Јужна Америка реши првите две кола да се играат во октомври. Поради високата стапка на заразени во Јужна Америка во неколку земји границите се затворени и би требало да се направат исклучоци и владите да им дозволат влез на репрезентациите.
– Нема да сугерирам кој играч можеби не би сакал да игра, но секако дека има доста од нив што се загрижени поради ситуацијата. Загрижени сме дека играчите може да бидат доведени во ситуација здравствената заштита за нив и за нивните семејства да дојде во судир со обврските на националниот тим – вели Баер-Хофман.
Повеќето играчи ќе мора да патуваат од Европа, Северна Америка или од Азија и може да се соочат со карантин до 14 дена при враќањето во своите клубови. Вкупно, тие би можеле да бидат надвор од клубовите речиси четири недели, што потенцијално може да го загрози нивниот статус во тимот.
Баер-Хофман, исто така, апелира до организаторите на натпреварувањата, како што е УЕФА, и понатаму да дозволуваат по пет измени на натпревар.
– Со оглед на згуснатиот календар на натпревари, петте замени не се лоша работа. Позитивната работа е освежувањето на тимот, но тоа е и добра шанса за помладите играчи да добијат повеќе минути – вели тој.