Ромелу Лукаку и Лаутаро Мартинез постигнаа по два, а Данило Д’Амброзио еден гол за Интер во убедливиот триумф над Шахтар од 5-0 во полуфиналето на Лига Европа (ЛЕ) во Диселдорф и за пласман во петочното финале против Севилја, во Келн (Германија). Овие два тима се најтрофејни во ова натпреварување. Севилја, петкратниот победник во ЛЕ/Куп на УЕФА, ќе го игра шестото, а Интер, кој трипати триумфирал, петтото финале.
Победата на Интер од 5-0 е најубедлива досега во полуфинале во ЛЕ/Куп на УЕФА, наедно и најтежок пораз на Шахтар во Европа по оној од Манчестер сити (0-6) во Лигата на шампионите (ЛШ) во ноември 2018 година.

Лукаку постигнува гол и повеќе на 10 меча во низа во ЛЕ, односно 14 гола, плус четири асистенции, вкупно 33 гола сезонава. Доколку даде уште еден гол во финалето, Лукаку ќе се израмни со бразилскиот напаѓач Роналдо, чии 34 гола во сите конкуренции во сезоната 1997/1998 се рекорд за играч на Интер во деби-сезоната во клубот. Мартинез стигна до бројката од 21 гол сезонава и со Лукаку во тандем се првата напаѓачка двојка на Интер, по Адријано и Обафеми Мартинс во 2004/2005-та, која постигнува 20 и повеќе голови во сезона.

– Одигравме многу добар натпревар и јас сум многу среќен поради моите играчи. И за мене ова преставува големо задоволство. Интер има одличен тим и по 10 години, имаме можност да освоиме европски трофеј, за нас и за навивачите. Ќе играме против силен тим, тоа е Севилја, која се специјализира за ова натпреварување. Многу наши играчи првпат играат во ова натпреварување, но имаме желба, мотиви, ентузијазам, сила и сакаме да ги израдуваме нашите навивачи – изјави по мечот тренерот на Интер, Антонио Конте.


ФИНАЛЕ
Петок, Келн
Севилја – Интер
ПОЛУФИНАЛЕ
Интер – Шахтар 5-0
Севилја – Манчестер Ј. 3-1