Финалето на клупското фудбалско првенство на Јужна Америка, Копа Либертадорес, помеѓу бразилскиот Фламенго и бранителот на титулата, аргентинскиот Ривер плата е преместено од Чиле во Перу. Сантијаго требаше да биде домаќин на финалето на 23 ноември, но безредијата и континуираните протести во главниот град на Чиле ја принудија Јужноамериканската фудбалска конфедерација (КОНМЕБОЛ) финалето да го премести во главниот град на Перу, Лима.
– Изборот на новата локација се базира на тоа што перуанската влада понуди безбедносни гаранции. Одлуката беше донесена во договор со претседателите на Фламенго и на Ривер плата, и со фудбалските асоцијации на Аргентина, Бразил и на Чиле – велат од КОНМЕБОЛ.
Јавното мислење во Чиле беше против организирање на финалето во толку чувствително време. Лани мораше да се презакаже вториот финален натпревар (до лани се играа два меча во финалето) помеѓу аргентинските тимови Ривер плата и Бока јуниорс, од Буенос Аирес во Мадрид, поради тоа што навивачите на Ривер го нападнаа автобусот со фудбалерите на Бока и повредија неколкумина.