На одложеното ЕП 2020 за ова лето Роналдо ќе брка и неколку други рекорди, според бројот на настапи во завршницата, голови, асистенции итн.

ФУДБАЛ

Јувентус ја забележа третата победа по ред, над Сасуоло, со 3-1, со што се искачи на четвртата позиција на табелата во италијанската фудбалска Серија А со 33 бода, седум помалку од лидерот Милан, но и еден натпревар помалку. Третиот гол, во судиското продолжение, го постигна Португалецот Кристијано Роналдо (35), за него 15-ти првенствен сезонава, со кој постави нов необичен рекорд. Тој е првиот фудбалер што постигнува 15 или повеќе голови во претходните 15 сезони во петте најдобри европски лиги (Англија, Шпанија, Франција, Германија и Италија), почнувајќи од сезоната 2006/2007, кога постигна 17 гола.
Во сезоната потоа тој постигна 31 гол, а потоа во наредните сезони 18, 26, 40, 46, 34, 31, 48, 35, 25, 26, 21 и 31 погодок, како и 15 гола досега сезонава, објави порталот „Гол.ком“ (goal.com). Роналдо ја почна блескавата кариера во португалскиот Спортинг Лисабон, каде што одигра 31 натпревар од 2002 до 2003 година, пред да се пресели во англискиот Манчестер јунајтед, на 18- годишна возраст. По шест години и 292 настапи за Јунајтед, тој замина во шпанскиот Реал Мадрид и остана таму до 2018 година, освојувајќи, меѓу другото, четири титули првак на Европа, по што замина во италијанскиот Јувентус.
Откако триумфира на Европското првенство (ЕП) во 2016 година со репрезентацијата на Португалија, Роналдо рече дека негов „сон“ е со својата земја да стане светски првак на Мундијалот во Катар во 2022 година. На одложеното Европско првенство за ова лето, Роналдо ќе брка и неколку други рекорди, според бројот на настапи во завршницата (пет), голови, асистенции итн.