На 22.012 навивачи, колку што е капацитетот на стадионот, и на вработените во клубот, германскиот прволигаш пред секој меч сака да им овозможи бесплатно да се тестираат за коронавирусот, по што секое лице мора да биде негативно на тестот 24 часа пред почетокот на мечот и да донесе потврда за тоа, заедно со билетот, велат од клубот
Германскиот фудбалски клуб Унион Берлин ќе им понуди повеќе од 20.000 бесплатни теста за коронавирус на своите навивачи, како дел од планот за играње мечеви на полн стадион, од септември, објави „Асошиејтед прес“. На 22.012 навивачи, колку што е капацитетот на стадионот, и на вработените во клубот, пред секој меч ќе им се овозможи да се тестираат, соопшти Унион Берлин. Секое лице мора да биде негативно на тестот 24 часа пред почетокот на мечот и да донесе потврда за тоа, заедно со билетот, велат од клубот. Унион сака да го спроведе планот пред првиот натпревар од Бундес-лигата во новата сезона, која би требало да почне на 18 септември. Другите германски клубови експериментираат со физичко растојание меѓу седиштата, но кај Унион Берлин тоа е тешко остварливо бидејќи на 80 отсто од трибините на стадионот навивачите се многу блиску.
– Сакаме да се осигуриме дека никој нема да биде заразен на нашиот распродаден стадион. Ова важи за навивачите на Унион, но и за оние на другите клубови. Да се спроведе таков план е огромен организациски и економски предизвик, но уверени сме дека ќе бидеме успешни. Тоа значи дека ние како фудбалски клуб сами ќе ги сносиме трошоците за спроведување на потребните мерки – изјави претседателот на клубот Дирк Цинглер.
Планот на Унион Берлин е поамбициозен од оној на другите германски клубови, бидејќи се потпира врз масовно тестирање наместо врз физичко дистанцирање. Но планот ќе се соочува и со значителни пречки. Германија има релативно голем капацитет за тестирање за коронавирусот, но порастот на побарувачката пред меч во Берлин би бил голем предизвик, пишува „Асошиејтед прес“.
Градските власти во Берлин забранија масовни собири до 24 октомври што доведе и до откажување на Берлинскиот маратон, на 27 септември. Лајпциг ја разгледува опцијата за играње пред 50 отстотна исполнетост на стадионот, со физичко растојание меѓу гледачите. Лигата преговара со германската влада и ги охрабрува клубовите да разговараат со локалните здравствени власти за изработување планови. Бундес-лигата ја продолжи сезоната во мај во услови на пандемија, прва од најголемите европски лиги. Сите мечеви до крајот на сезоната се играа без гледачи.