Од творештвото на поетот Горан Анчевски

Пискаат зурли, чукаат тапани,
и каменот затреперува, планините заигруваат,
славниот Галичник – на Петровден
го празнува животот.

Да се среќни младоженците!
Се слушаат искрени здравици,
потопени во солзи радосници.

Се прават обичаи стари,
се нижат алтани –
најдрагоцено богатство
од народни носии, изворни песни, танци…
Волшебство од најчудесни звуци, везови, шари…

Над каменот – венец цветен
од разиграни и лични луѓе.
Околу каменот – силна светлина,
грее сонцето на љубовта,
грее сонцето на среќата
во долгиот ден летен.

Пискаат зурли, чукаат тапани,
и каменот затреперува, планините заигруваат.
Славниот Галичник – на Петровден
го празнува животот.

(Од стихозбирката „Душата на цветот“)