Украина ја одбрани честа на групата Ц, во која беа Македонија, Холандија и Австрија, со пласманот меѓу најдобрите осум на ЕП 2020 победувајќи ја Шведска, во осминафиналето со 2-1, со голот постигнат во продолжението, во 120-та минута. Тој гол на Артем Довбик, по 120 минути и 37 секунди, е втор најдоцна даден во историјата на ЕП, зад оној на Турчинот Семих Шентурк, против Хрватска во 2008 година (по 121 минута и 1 секунда).
Украина е во четврт-финале на голем турнир вторпат во историјата, откако претходно тоа ѝ успеа на Светското првенство (СП) 2006 година кога беше елиминирана од Италија. Шведска, пак, е елиминирана и на третиот ваков натпревар на ЕП, од Германија во 1992 и од Холандија во 2004 година.
– Им честитам на сите играчи и навивачи на Украина за овој историски момент. Сега треба да се обидеме да ги закрепнеме играчите, физички и психолошки, бидејќи дадоа сѐ од себе. Англија е одличен тим, имаат одлична клупа за резерви, одличен тренер. Знаеме дека нѐ очекува многу тежок натпревар – изјави селекторот на Украина, Андриј Шевченко.


ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ

Швајцарија – Шпанија утре, Санкт Петербург (18 ч.)
Белгија – Италија утре, Минхен, (21 ч.)
Чешка – Данска сабота, Баку (18 ч.)
Украина – Англија сабота, Рим (21 ч.)
ПОЛУФИНАЛЕ
Белгија/Италија – Швајцарија/Шпанија вторник, 6 јули, Лондон (21 ч.)
Украина/Англија – Чешка/Данска среда, 7 јули, Лондон (21 ч.)
ФИНАЛЕ, 11 јули Лондон

ОСМИНАФИНАЛЕ, РЕЗУЛТАТИ
1. Велс – Данска 0-4
2. Италија – Австриjа 2-1
3. Холандија – Чешка 0-2
4. Белгија – Португалија 1-0
5. Хрватска – Шпанија 3-5 (продолженија)
6. Франција – Швајцарија 3-3 (4-5, пенали)
7. Англија – Германија 2-0
8. Шведска – Украина 1-2 (продолженија)