Германскиот голман на Ливерпул Лорис Кариус беше позајмен на турски Бешикташ по неговиот очаен настап на минатогодишното финале во Лигата на шамионите (ЛШ). Но, сега Германецот повторно се соочува со сериозни проблеми во турската лига и по секоја цена се обидува да замине од сегашниот клуб.
Последните три месеци на голот на премиерлигашот Ливерпул за Лорис Кариус може да се карактеризираат само како кошмар. Страшните грешки во финалето на ЛШ против Реал Мадрид ги чинеа „црвените“ од „Енфилд“ два гола во поразот од 3-1. Неговите солзи и искрени извинувања упатени кон навивачите по натпреварот не направија многу за да ги смири навивачите кои ја чекаа првата европска титула од 2005 години, пишува „Дојче веле“.
Потоа, на првиот натпревар од подготвителниот дел од сезоната за Ливерпул во јули, Кариус на натпреварот против нисколигашот Честер чудно ја испушти топката, по што „црвените“ примија необичен и лесен гол, повторно од грешка на Германецот. И додека реакциите на социјалните мрежи сè уште не беа стивнати, три дена подоцна Кариус повторно направи слична грешка повторно против тим неколку лиги пониску од Ливерпул, Транмере роверс. Иако беше јули и до почетокот на сезоната имаше уште најмалку 6 натпревари, навивачите на „црвените“ воопшто не беа задоволни, а заминувањето на Кариус очигледно.
– Наша работа е да го подджиме Лорис. Тоа е дел од нашиот договор – рече сонародникот на Кариус и менаџер на Ливерпул, Јурген Клоп по натпреварот со Транмере. Една недела подоцна, клубот објави дека за рекордни 75 милиони евра од Серија А го носи Бразилецот Алисон на „Енфилд“.
Од тој момент беше јасно кој ќе биде прв голман во почетниот состав на Клоп во престојната сезона. Беше време Кариус да ги спакува торбите и на друго место да се обиде да ја воскресне својата голманска кариера.
Проблемите го следат во Бешикташ
Во август, Германецот потпиша двегодишна позајмица со турскиот гигант Бешикташ и одлучи да настапува во тешката турска лига. Ова за Кариус требаше да биде нов, чист почеток.
– Знаев дека требаше сам да се подигнам од дното и не можев само да се кријам и да живеам во минатото со моите грешки – рече 25-годишниот Германец за германскиот весник „Билд“ пред да потпише за 15-кратниот турски шампион.
Но, само што можеше да каже дека избега од своето тешко голманско минато, грешките повторно го стигнаа. Во неговот прв натпревар за клубот, Кариус се двоумеше дали да тргне по една нафрлена топка, а неговото двоумење остави доволно простор на напаѓачот на Бурсаспор, Диафра Сако да ја погоди мрежата и да го израмни резултатот доцна во натпреварот.
За време на квалификациите на Лигата на Европа (ЛЕ), на гости кај шведски Малмо, Кариус се обиде да одбие удар на противниците над неговата пречка, целосно промаши и топката преку неговата глава поторно влезе во неговата мрежа. Без разлика дали ова беше негова грешка или само несреќна ситуација која често се случува во фудбалот, целото однесување на несреќниот Германец изгледаше навистина смешно.
Грешките чинат повеќе од само примени голови
Со повторувањето на грешките во натпреварите и лесно примените голови, Кариус многу брзо ја загуби поддршката од навивачите на Бешикташ, кои сега бараат други опции на нивниот гол, констатираат од „Дојче веле“.
– Навивачите се бесни. Тие размислуваат за Утку Јувакуран, многу млад голман кој чека да ја преземе позицијата од Лорис Кариус – изјави турскиот фудбалски аналитичар Дидем Дилмен. Тој дообјаснува дека навивачите на Бешкиташ сакаат да заборават на Кариус и дека веќе немаат време за него, а дури и одат кон тоа дека подобро грешките да ги прави младиот Утку, отколку Германецот.
На последниот натпревар на кој Бешикташ победи со 1-0 против слабиот Гезтепе, Кариус наводно ги испровоцира фановите на социјалните мрежи со неговата т.н. „чиста мрежа“. Реакцијата на социјалните мрежи, како и секогаш, беше негативна и фалењето на Кариус дека не примил гол на овој натпревар не е соодветно, поради тоа што тој само на шест натпревари оваа сезона ја сочувал сопствената мрежа, од вкупно 37 меча, констатираа брзо навивачите на Бешикташ. Бројки со кои ниту еден голман не би се фалел.
– Во Турција, доколку не играш добро за клубот, а обавуваш вакви или слични работи на Инстаграм и Твитер, нема добро да поминеш – рече Дилмен.
Некои навивачи го поддржуваат Лорис Кариус и се надеваат дека ќе остане во клубот, но исто така сфаќаат дека неговата улога како прв голман во клубот е многу разнишана и несиугрна.
– Мораме да продолжиме со него. Не ми се допаѓа што сите го напаѓаат. Признаваме дека прими навистина лоши голови, но не можеме да го кривиме само него за грешките на целиот тим. Мора да го поддржиме и да не дозволиме да се деморализира – рекоа од навивачката група „Карси“ на Бешикташ.
Тешки зборови од сопствениот тренер
Тренерот на Бешикташ Шенол Ѓунеш, кој во своите играчки денови беше одличен голман, исто така е колеблив во поддршката за Кариус. Во октомври, во турските медиуми се појавија шпекулации дека турскиот тим сака да се ослободи од Кариус, но до крајот на ноември тој стана прв голман на екипата. Потоа во јануари, неговата позиција повторно беше разнишана.
По лошиот настап во поразот од 3-2 на Бешикташ од шестопласираниот Коњаспор на 10 март, Ѓунеш силно го критикуваше својот голман.
– Карус почнува да стагнира, има некој проблем со неговата мотивација и етузијазмот кон фудбалската игра – рече тренерот на Бешикташ по овој пораз.
Поплаки до ФИФА
Престојот на Кариус во Турција уште повеќе се влоши три дена по натпреварот со Коњаспор, кога се појавија информации дека тој се пожалил во ФИФА поради тоа што Бешикташ му ја нема исплатено платата.
Според Кариус, клубот кој му плаќа половина од месечната плата за време на неговата позајмица, му должи четири месечни плати.
Тој не е единствениот играч со вакви проблеми, бидејќи клубовите во Турција се соочуваат со големи долгови и слабата вредност на турската лира. Неговата поплака до ФИФА може да значи дека Бешикташ може да загуби поени или да изгуби место во ЛЕ.
– Нормално дека има право да се жали, но со поплаката до ФИФА, покажува дека веќе не сака да игра во Бешикташ – констатира новинарот Дилмен.
ФИФА потврди дека е контактирана во однос на ова прашање, но не даде дополнителни информации во однос на случајот додека не се заврши истрагата.
Враќање во Германија?
Светските медиуми вчера пренесоа дека Лорис Кариус се обратил на Ливерпул за да му ја прекинат позајмицата и дека тој им дал до знаење на челните луѓе во Бешикташ дека сака да замине.
Со одличните настапи на Алисон и големата поддршка од навивачите на „Енфилд“, скоро е неверојатно да го видиме Кариус повторно во голманскиот дрес на Ливерпул.
Се шпекулира дека бундеслигашот Ајнтрахт Франкфурт е заинтересиран за неговите услуги како замена за позајмениот Кевин Трап, а постои можност Кариус да завши и во Атина, во дресот на Олимпијакос.
Каде и да направи трансфер, Кариус ќе мора да ги остави грешките од минатото зад себе, и повторно да бара ново воскреснување на кариерата.