Карим Бензема го постигна водечкиот гол за Реал Мадрид во 11-та минута на мечот против Викторија Плзен (2-1) во 3-то коло на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ). Тој постигнува гол во ЛШ 14-та сезона по ред, со што им се придружи на Раул Гонзалес и на Лионел Меси, единствените двајца фудбалери со ваков ефект во ЛШ досега. За него тоа беше 57-от гол во ЛШ, со што го надмина Руд ван Нистелрој (56 гола) на четвртата позиција на голгетерската ранг-листа. Водечки е Кристијано Роналдо со 120, Меси има 105, а Раул 71 гол.

Бранителот на титулата, Реал, ја забележа првата победа на последните шест натпревари (по четири порази на петте меча), но повторно играше бледо, што е загрижувачки за армијата навивачи на „кралевите“ (па и за тренерот Хулен Лопотеги, кому му се ниша клупата), пред неделното „Ел класико“ против Барселона. Ако нешто е позитивно за Реал, тоа е што и на 44-от натпревар по ред на „Сантијаго Бернабе“ продолжи со постигнување голови. Последниот пораз без да постигна гол го претрпе од Барселона (0-2) во април 2011. Реал е непоразен на последните 27 меча на домашен терен во групната фаза натпревари, по поразот од Милан (2-3), пред девет години.