Фрапар стана првата судијка што водела меч во квалификации за СП во машка конкуренција, на мечот Холандија – Летонија, на кој експериментално присуствуваа 5.000 гледачи. Украинката Монзул беше одредена да ја дели правдата на синоќешниот натпревар Австрија – Фарски Острови, со што ѝ се придружи на Фрапар, како втора судијка на квалификациски меч за СП за мажи

КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2022

Фудбалската репрезентација на Холандија ја совлада селекцијата на Летонија со 2-0, во Амстердам, во квалификациите за Светското првенство (СП) во 2022 година во Катар, во мечот што го обележи тоа што на трибините на арената „Јохан Кројф“ присуствуваа 5.000 гледачи (капацитетот е 55.000), кои мораа да ги следат строгите протоколи за заштита од ковид-19 за да ја гледаат својата репрезентација и да ја поздрават првата победа во оваа квалификациска кампања (во првото коло Холандија загуби на гости од Турција, со 2-4), а Французинката Стефани Фрапар влезе во фудбалската историја со тоа што стана првата жена судија во квалификации за СП во машка конкуренција.
Секој што беше присутен на арената мораше да преземе неколку апликации, заради информации и следење, и сите мораа да покажат негативен резултат на тестот на коронавирусот, направен во рок од 24 часа. Резултатите од тестовите се појавуваа на апликациите во рок од 15 минути. Доколку ваквиот експериментот профункционира, сигурно ќе им овозможи на гледачите да се вратат на трибините во поголема бројка, можеби дури и пред крајот на домашната сезона.
Ова беше направено и поради барањата на Европската фудбалска унија (УЕФА) во врска со претстојното Европско првенство (ЕП), како доказ дека е можно присуство на гледачи на натпреварите. Но доказот за тоа дали ова е успешно или не, во земја каде што бројот на новозаразените од ковид-19 се зголемува, ќе дојде во наредните денови, кога сите присутни на мечот ќе мора повторно да се тестираат.

Фрапар претходно судеше на неколку европски клупски натпревари, редовно суди на мечевите во француската Лига 1, но првпат и на еден репрезентативен. Украинката Катерина Монзул беше одредена да ја дели правдата на синоќешниот квалификациски натпревар Австрија – Фарски Острови за пласман на СП 2022, со што ѝ се придружи на Фрапар, како втора судијка на квалификациски меч за СП за мажи.
– И покрај тоа што тие веќе судеа на неколку важни натпревари во машка конкуренција, судењето првпат во квалификации за СП е нешто посебно и за гордеење. Тие работеа многу напорно претходниве години и овие натпревари се признание за добрата работа што ја завршија – рече Пјерлуиџи Колина, претседателот на Комитетот за судии на Светската фудбалска федерација (ФИФА).


КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2022

Група А: Република Ирска – Луксембург 0-1, Србија – Португалија 2-2. Табела: Србија и Португалија по 4 бода, Луксембург 3, Азербејџан и Р. Ирска без бодови. Идно коло (утре): Азербејџан – Србија, Луксембург – Португалија.
Група Е: Белорусија – Естонија 4-2, Чешка – Белгија 1-1. Табела: Чешка и Белгија по 4, Белорусија 3, Велс и Естонија без бодови. Идно коло (утре): Белгија – Белорусија, Велс – Чешка.
Група Г: Црна Гора – Гибралтар 4-1, Норвешка – Турција 0-3, Холандија – Летонија 2-0. Табела: Турција и Црна Гора по 6, Холандија и Норвешка по 3, Летонија и Гибралтар без бодови. Идно коло (утре): Гибралтар – Холандија, Црна Гора – Норвешка, Турција – Летонија.
Група Х: Русија – Словенија 2-1, Хрватска – Кипар 1-0, Словачка – Малта 2-2. Табела: Русија 6, Словенија и Хрватска по 3, Словачка 2, Кипар и Малта по 1. Идно коло (утре): Кипар – Словенија, Хрватска – Малта, Словачка – Русија.