Фудбалот не се смени по Втората или по Првата светска војна и нема да се промени ниту поради вирус. Луѓето многупати рекоа дека светот нема да биде ист. Ова може да биде вистина, но мојата гледна точка е зошто да не помислите дека светот ќе биде подобар по овој вирус. Зошто да не мислиме дека ќе бидеме попаметни или, конечно, да разбереме колку сме кревки, колку сме незаштитени од природата? Секогаш има лекции што треба да се научат, вели претседателот на УЕФА
ИНТЕРВЈУ ЗА „ГАРДИЈАН“ НА АЛЕКСАНДЕР ЧЕФЕРИН, ПРВИОТ ЧОВЕК НА УЕФА
Претседателот на Европската фудбалска унија (УЕФА), Словенецот Александер Чеферин за британскиот „Гардијан“ говореше за проблемите што на фудбалот му ги создаде коронавирусот, за тоа дека клубовите би можеле да се соочат со данок на луксуз, за идните натпреварувања…
Како би ги опишале тековната состојба и вашите чувства за тоа?
– Нѐ чека уште многу работа. Минатата недела првпат по два месеца бев во Швајцарија и имав состаноци од 9 наутро до 23 часот навечер. Има многу информации, многу календарски прашања и милиони и милиони, десетици милиони долари што ќе изгубиме. Тогаш е тешко да заспиете ноќе. Би биле доста неодговорни ако би можеле да заспиете веднаш по еден таков ден. Ситуацијата за УЕФА не е толку алармантна, но се грижиме за клубовите, за лигите и за сите засегнати страни, така што има доста работа.
Дали би се обложиле дека ЕП 2020 ќе се одржи во 2021 година?
– Да, секако. Мислам дека овој вирус нема да трае вечно. Состојбата е сериозна, но полека се смирува и сега сме попретпазливи. Знаеме повеќе за вирусот и, воопшто, јас сум оптимист. Не ми се допаѓа ова апокалиптично гледиште дека треба да почекаме на втор и трет бран, па дури и на петти бран… Подготвени сме и ќе ги следиме препораките на властите, но апсолутно сум сигурен дека стариот фудбал, со гледачи, ќе се врати многу скоро.
Дали ова ќе го смени фудбалот засекогаш?
– Не мислам дека сѐ ќе се промени засекогаш. Тоа е ново искуство и кога ќе се ослободиме од овој вирус, работите ќе се вратат во нормала. Фудбалот не се смени по Втората или по Првата светска војна и нема да се промени ниту поради вирус. Луѓето многупати рекоа дека светот нема да биде ист. Ова може да биде вистина, но мојата гледна точка е зошто да не помислите дека светот ќе биде подобар по овој вирус. Зошто да не мислиме дека ќе бидеме попаметни, или, конечно, да разбереме колку сме кревки, колку сме незаштитени од природата? Значи, секогаш има лекции што треба да се научат.
Дали уште сакате да почне третото европско клупско натпреварување, конференциската лига?
– Ќе се реализира тоа, апсолутно. Нема да го одложиме.
Многу се дискутира за платите на играчите. Мислите ли дека тие треба да бидат малку поскромни и помалку алчни и дека клубовите треба да бидат помудри во трошењето?
– Не мислам дека играчите се алчни. Пазарот одлучува за цените и ако вие или јас би добиле понуда од 20 милиони долари по сезона, не мислам дека вие или јас би рекле: „Не, не, не, не сакам да бидам алчен, дајте ми 200.000 долари“. Значи, тие не се алчни, одлучува пазарот. Но сега ќе видиме дали реакцијата на пазарот на оваа криза ќе значи пад на цените. Можно е цените да се намалат, но не мислам дека е фер да се каже дека играчите се алчни, дека не се фер затоа што нивните плати се толку високи. Тие, исто така, му носат многу приходи на фудбалот, кој е голема индустрија, која плаќа огромна сума за даноци. Играчот плаќа, исто така, огромни даноци, затоа не мислам дека вистинскиот збор е алчност, или дека клубовите треба да бидат помудри, затоа што, едноставно, пазарот е тој што одлучува како ќе се движат цените.
Размислуваме и за некаков данок на луксуз, ако е можно
Што е со финансискиот ферплеј и неговата иднина? Дали уште сте посветени на сегашните правила? И колку е важно клубовите да се санкционираат ако не ги почитуваат правилата?
– Ако не ги следите правилата, ќе бидете санкционирани, но, секако, секогаш размислуваме како можеме да ги подобриме регулативите и, доколку е потребно, да ги приспособиме на новите времиња. Ова нема да се случи наскоро, но размислуваме да го подобриме финансискиот ферплеј, да го модернизираме и да направиме нешто повеќе во врска со натпреварувачката рамнотежа. Размислуваме и за некаков данок на луксуз, ако е можно. Значи, има многу идеи, но верувајте ми, во овие тешки времиња престанавме да размислуваме повеќе или помалку за промени што ќе се случуваат во иднина. Сега мора да го насочиме нашиот брод кон вистинскиот тек и блиску сме да го сториме тоа. Потоа, кога работите ќе се смират, ќе им се вратиме на старите задачи – вели Александер Чеферин во интервјуто за „Гардијан“.