Еден од ретките што ја задржа функцијата: Јоаким Лев

Поради слаби резултати, но и други причини, по настапот на СП 2018 селекторското столче го напуштија Хектор Купер, Оскар Рамирез, Адам Навалка, Берт ван Марвијк, Рикардо Гарека, Акира Нишино, Фернандо Јеро и Оскар Табарез, а неизвесна е судбината и на Хорхе Сампаоли…

Неуспешните резултати со репрезентациите на Светското првенство во фудбал во Русија беа основна причина повеќе селектори предвреме да ја завршат својата одисеја на тие позиции. Египет прв повлече потег и го смени селекторот по настапот на СП во Русија. Тоа беше искусниот аргентински стручњак Хектор Купер (62), по трите порази во групата А. На Купер, патем, му истекува договорот по настапот на СП во Русија, но челниците на Фудбалскиот сојуз (ФС) на Египет не сакаа да ја продолжат соработката со него.
Поразот од Србија, пак, беше почеток на крајот за селекторот на Костарика, Оскар Рамирез. Ќе биде сменет поради елиминацијата во групната фаза на СП, потврди претседателот на ФС на Костарика, Родолф Виљабош. Рамирез беше на клупата на Костарика и на минатиот Мундијал во Бразил и изненадувачки добро ја водеше селекцијата до четврт-финалето. Во Русија, сепак, не успеа да го повтори тој успех.
По овие стапки тргнаа и Адам Навалка, кој ја напушти клупата на Полска по бледите настапи и резултати во групата со Сенегал, Јапонија и со Колумбија, и Рикардо Гарека, кој поднесе оставка на местото селектор на Перу, репрезентација што не направи изненадување во конкуренција со Франција, Данска и со Австралија. Перуанците сакаа да го задржат сегашниот селектор, но Аргентинецот реши да го напушти кормилото на Перу.

Австралија, исто така, ќе го смени својот селектор, иако тоа беше договорено уште пред СП, бидејќи холандскиот тренер Берт ван Марвијк привремено ја водеше селекцијата. Во иднина неговото место треба да го заземе Грем Арнолд.
Аргентинските фудбалери се вратија дома од СП во Русија по поразот во осминафиналето и откако работите малку легнаа, почна анализата за лошиот резултат и прашањето за идниот селектор. На местото на сегашниот Хорхе Сампаоли се споменуваат Диего Симеоне, Марсел Гаљард…
Фудбалерите на Шпанија го завршија неславниот настап на СП во осминафиналето откако на пенали загубија од домаќинот. Фернандо Јеро беше само привремено решение на клупата, откако Хулен Лопетеги беше сменет еден ден пред почетокот на Мундијалот, поради предземањето на Реал Мадрид. Како потенцијални кандидати за нов селектор циркулираат имињата на Луис Енрике, Чави Ернандез, , Кике Санчез Флорес, Мичел…
По СП заминаа и Оскар Табарез од Уругвај. Не беше одмината ниту Јапонија, иако не разочара со својата игра на зелениот „тепих“.
Јапонците, за разлика од другите, стигнаа до осминафиналето на СП и сакаа да ја продолжат соработката со селекторот, откако Нишино ја презеде репрезентацијата само два месеца пред Мундијалот, а по неочекуваниот отказ за Вахид Халилхоџиќ. 


Лев останува на кормилото

Разочарувачкиот ефект и пласман, зад Шведска, Мексико и зад Јужна Кореја, го шокираа фудбалскиот свет, но ФС на Германија реши досегашниот селектор Јоаким Лев (58) да остане на оваа позиција до 2022 година, до кога и му гласи договорот.
– Нема друга опција, тој доби целосна доверба – соопшти ФС на Германија, а пренесе агенцијата ДПА.
Под водство на Лев, Германија во 2008 година беше втора на ЕП, а во 2012 и во 2016 година стигна до полуфиналето. На СП 2010 Германија беше трета, а четири години подоцна стана светски првак.