ФУДБАЛ:
Фулам, ВБА и Шефилд испаѓаат од Премиер-лигата

Првпат во историјата на Премиер-лигата на три кола до крајот на првенството, познати се трите тима што испаѓаат во понизок ранг. Последен е Фулам, кој загуби дома од Барнли (0-2), со што им се придружи на порано испаднатите ВБА и Шефилд, кои во следната сезона ќе играат во Чемпионшип. Фулам во последните четири сезони испаѓаше и повторно се враќаше во Премиер-лигата!
Во обратна насока, пак, во најквалитетната лига по пауза од само една сезона, веќе се пласираа Норич и Вотфорд, а за третото место во плејофот ќе разигруваат Брентфорд – Борнмут, односно Свонси – Барнсли, кон крајот на мај. Л.Д.


Принцот Вилијам ќе го додели трофејот во ФА-купот

Принцот Вилијам ќе биде меѓу 22.000 присутни на трибините на „Вембли“, на финалето на ФА-купот меѓу Челси и Лестер, кој се игра в сабота. Но пехарот на победниците наместо во кралската ложа, тој ќе им го додели на теренот, по што ќе си замине и нема да се ракува со играчите или со менаџерите.
Лани кога Арсенал го совлада Челси со 2-1, играчите на „топчиите“ своите медали ги подигнаа од кутијата поставена до трофејот. Поразениот тим Челси, како и официјалните лица веднаш го напуштија теренот и подоцна ги добија медалите.
Посетата на принцот Вилијам на финалето се смета за уште еден знак за намалувањата на ограничувањата поврзани со ковид-19 и дека животот полека се враќа во нормала. Л.Д.


ФУДБАЛ
Финалето на ЛШ пак во Португалија?

Португалија е сериозен кандидат да биде домаќин на финалето во Лигата на шампионите (ЛШ), меѓу Челси – Манчестер јунајтед на 29 мај, откако Европската фудбалска унија (УЕФА) не доби гаранции од британската влада мечот да се игра на „Вембли“ во Лондон, пишува „Би-би-си“.
Една од опциите е финалето да се игра во Порто, на стадионот „Драгао“, кој е со капацитет од 50.000 места, но во комбинација е и Лисабон со „Луж“ на Бенфика, каде што се играше ланското финале, Баерн – ПСЖ (1-0). Португалија е на „зелената листа“ на Англија од 12 земји со низок ризик од каде што луѓето при враќањето дома не мора да бидат во 10-дневен карантин, што е олеснителна околност за илјадниците навивачи на Сити и на Челси. Тоа значи дека втора година во низа Истанбул, најверојатно, нема да биде организатор на финалето во ЛШ. Лани причината беше пандемијата на коронавирусот, а годинава тоа што Владата на Велика Британија ја стави Турција на „црвената листа“ на држави со зголемен ризик и поради рестриктивните карантински мерки за патување на навивачите од Англија за Турција.
Постојат некакви шанси натпреварот да се игра и на „Вембли“, но за такво нешто се потребни големи отстапки од Владата, од која УЕФА бара претставниците на медиумите, спонзорите, ТВ-компаниите и гостите да бидат иззeмени од задолжителниот карантин. Л.Д.