ФУДБАЛ
Баерн е на 16 гола до нов германски рекорд
Германскиот фудбалски првак Баерн сезонава постигна 86 гола во домашното првенство, што е рекорд на Бундес-лигата по 29 кола. Но со овој ефект Баерн може да оди и на рекордот од 101 погодок во една сезона, остварен, исто така, од Баерн, во сезоната 1971/72, пишува „Кикер“. Во тоа време Баерн беше предводен од „бомбардерот“ Герд Милер со неговите 40 гола, а сезонава тоа е Роберт Левандовски со 29 погодока досега.
Франц Рот и Рајнер Зобел се од златната генерација на Баерн, која во 1972 година стана единствениот тим до денес со трицифрен голгетерски ефект.
– Во одреден момент, секој рекорд ќе биде срушен. Тимот е во одлична форма, мислам дека можат да го сторат тоа. Ми се допаѓа начинот на кој игра екипата. Секако дека не треба да се откажат – ја пренесува „Кикер“ изјавата на Рот.
Во 2013 година Баерн веќе беше блиску до рекордот со 98 гола. Додека Рот верува во новиот рекорд, Зобел е малку скептичен.
– Ќе биде тешко затоа што уште имаат тешки противници – рече Зобел.
Баерн викендов гостува кај Баер, а потоа треба да игра и со Борусија Менхенгладбах (дома), Вердер (на гости), Фрајбург (дома) и со Волфсбург (на гости).
Флик го надмина најдобриотпочеток на Гвардиола во Баерн
Ханси Флик го има најдобриот почеток на еден тренер во германскиот фудбалски прволигаш Баерн. Германскиот првак на првите 25 меча со Флик како тренер на тимот во сите конкуренции забележа 22 победи, една повеќе од досегашниот рекордер, Пеп Гвардиола, во 2013 година. Во оваа серија мечеви Баерн има 16 победи на 19 дуела во Бундес-лигата, четири во Лигата на шампионите (ЛШ) и две во Купот на Германија. Флик има и два пораза (1-2 од Баер и од Борусија М.) и едно реми (0-0 со Лајпциг). Со ваквиот ефект Баерн е лидер во Бундес-лигата, води со 3-0 против Челси по првиот меч од осминафиналето на ЛШ, а во полуфиналето на Купот ќе се сретне со Ајнтрахт. Гвардиола во првите 25 меча во сите натпреварувања со Баерн имаше уште по два пораза и ремија.
Премиерлигашите може да играат пријателски под посебни услови
Клубовите од англиската фудбалска Премиер-лига добија дозвола за одигрување пријателски натпревари пред продолжување на прекинатата сезона на 17 јуни, објави британскиот весник „Телеграф“. Но местата и стадионите каде што ќе се игра не смеат да бидат оддалечени повеќе од 90 минути возење (освен за Њукасл), а играчите ќе мора да патуваат дотаму и назад со свои автомобили и со комплетната опрема на себе. Судиите и асистентите допрва треба да бидат тестирани за ковид-19 така што, засега, тренерите на тимовите ќе бидат судии. Задолжителни се мерките за хигиена и за физичка дистанца. Соблекувални нема да се користат, а ако мечевите се играат на стадион, играчите ќе влегуваат преку влезот за играчи и ќе одат директно на теренот.