Фото: Игор Бансколиев

По мечевите во октомври, на СП 2022 се пласираа Данска и Германија, а Европа има вкупно 13 места, од тоа 10 од квалификациите и уште три од баражот в година. Македонија неделава треба да игра на гости со Ерменија и дома со Исланд и е во трка за второто место во групата Ј, што носи играње во баражот

ФУДБАЛ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2022

Европските квалификации за пласман на Светското првенство (СП) во фудбал во 2022 година ќе се комплетираат од четврток до 16 ноември и ќе бидат познати 10 од 13-те учесници на Мундијалот во Катар од Европа. Македонија на две кола до крајот на групната фаза е во трка за пласман на второто место во групата Ј, што носи играње во баражот идната година.
На репрезентациите им остануваат по еден или по два натпревари за играње во циклусот за пласман на СП 2022. По мечевите во октомври, на СП 2022 се пласираа Данска и Германија. Пред мечевите во ноември сигурно на едно од првите две места во своите групи се Белгија, Хрватска, Италија, Португалија, Русија, Србија и Швајцарија, а во трка за директен пласман се и Албанија, БиХ, Англија, Финска, Франција, Холандија, Норвешка, Полска, Шпанија, Шведска, Турција, Украина и Велс, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА) на својата интернет-страница. Второпласирани во групата можат да бидат Македонија, Ерменија, Чешка, Грција, Исланд, Израел, Црна Гора, Романија и Шкотска, а Австрија во баражот може да се пласира само преку рангирањето на Лигата на нациите.

По осум кола, во групата Ј води Германија со 21 бод, а потоа следуваат Романија со 13, Македонија и Ерменија со по 12, Исланд со осум и Лихтенштајн со еден бод. В четврток се дуелите Ерменија – Македонија, Германија – Лихтенштајн и Романија – Исланд, а в недела играат Македонија – Исланд, Ерменија – Германија и Лихтенштајн – Романија. На Македонија за пласман на второто место ѝ требаат две победи и еден кикс на Романија, но можни се и други комбинации. Во случај на ист број бодови прво решава вкупната гол-разлика.
Десетте победници на групите директно ќе се квалификуваат на Светското првенство во 2022 година. Во баражот од 24 до 29 март ќе играат десетте второпласирани во групите и две најдобри селекции што победиле во некоја од групите во Лигата на нациите за сезоната 2020/2021, а кои не се пласирале директно за Светското првенство како победници во групите во европските квалификации или, пак влегле во баражот како второпласирани во групите од европските квалификации. Овие 12 репрезентации ќе бидат извлечени во три бараж-патеки со по еден полуфинален и финален меч. Трите победници на секоја од патеките ќе се пласираат за СП 2022.