Државните официјални лица минатата недела потврдија дека турнирот во Мелбурн ќе се одржи, а се очекуваат деталите за одржување на првиот гранслем-турнир во годината, вклучувајќи го и тренирањето за време на карантин, пишува „Ројтерс“

ТЕНИС

Уште ништо не е решено во врска со карантинот за тенисерите што пристигнуваат во Австралија за подготовка и за учество на гранслем-турнирот во Мелбурн, и покрај пишувањата дека тенисерите ќе можат да тренираат додека се во самоизолација, изјавија организаторите на турнирот, а пренесе „Ројтерс“. Весникот „Ејџ“ објави дека раководното тело, Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП), им соопштило на играчите дека ќе им биде дозволено да тренираат во текот на нивниот 14-дневен карантин пред почетокот на Австралија опен, меѓутоа портпаролот на Тенис Австралија (ТА), за „Ројтерс“ изјави дека организаторите уште чекаат одобренија од Владата на државата Викторија за деталите за одржување на првиот гранслем-турнир во годината, вклучувајќи го и тренирањето за време на карантинот.

Организаторите на турнирот имале долги разговори со властите во врска со утврдувањето на протоколите за ковид-19 за сите што пристигнуваат во Австралија пред турнирот во Мелбурн, за учество на турнирот чиј првично закажан датум на одржување е од 18 до 31 јануари. Државните официјални лица минатата недела потврдија дека турнирот во Мелбурн парк ќе се одржи, иако тој најверојатно ќе се одложи најмалку за една недела или две од првично закажаниот датум и дека играчите ќе мора да бидат во карантин, пишува „Ројтерс“.
Поради различните ограничувања на локалните самоуправи низ целата држава, ТА планира подготвителните турнири пред првиот гранслем сезонава да ги префрли во Викторија.