Во првите две кола до синоќа се одиграа 16 меча, на кои гостите забележаа 10 победи и шест порази. Викендов го обележија Сон, со четирите гола од четири удари, и четирите асистенции на Кејн за тие голови, со што првпат по 17 години еден играч асистира за хет-трик на клупски колега

ФУДБАЛ – АНГЛИЈА

Во англиската фудбалска Премиер-лига во првите две кола до синоќа се одиграа 16 натпревари на кои гостите забележаа дури 10 победи, со само шест победи на домашните тимови. Многуте победи на гостите и многуте голови се објаснуваат со губењето на предноста на домашен терен поради играњето мечеви без публика. Постигнатите 62 гола, односно речиси четири по натпревар се добра најава за ефикасна, возбудлива и резултатски крајно неизвесна сезона.
Минатиот викенд во Премиер-лигата, на осум натпревари од втората рунда, беа постигнати 39 гола, во просек 4,88 по натпревар, што е најдобар процент во историјата на Лигата. Само во саботата, на четири натпревари, беа постигнати 21 гол што е рекордна бројка голови во еден ден, објави „Би-би-си“.

Што се однесува до случувањата на терените, треба да се истакнат супериорната игра и заслужениот триумф на бранителот на титулата, Ливерпул, на гости кај Челси (домашниот тим играше во второто полувреме со еден фудбалер помалку), со 2-0 со двата гола на Садио Мане. Тијаго Алкантара во дебито за Ливерпул ги одигра вторите 45 минути, период во кој забележа рекордни 75 успешни додавања за 45 и помалку минути од сезоната 2003/2004, откако се води ваква статистика или двојно повеќе од кој било играч на Челси за 90 минути.
Тотенхем го декласира Саутемтпон победувајќи го на гости со 5-2. Кореецот Сон Хеунг-мин постигна четири гола од четири удари, на четири асистенции на Хари Кејн (што е рекорд во Лигата), кој, пак, го постигна петтиот гол. Првпат еден играч асистира за хет-трик на клупски колега, по Тиери Анри од Арсенал, кој му помогна на Фреди Љунгберг за трите гола против Сандерленд во мај 2003 година.

Тандемот напаѓачи на Тотенхем комбинирано постигна повеќе голови во Премиер-лигата (24) од кое било друго дуо во оваа конкуренција од доаѓањето на Сон во Англија во август 2015 година. Зад нив е тандемот Серхио Агуеро и Кевин де Брујне од Манчестер Сити (20 гола).