Напаѓачот на Сампдорија, искусниот ветеран Фабио Кваљарела (36) успеа да го погоди противничкиот гол на 11 последователни натпревари оваа сезона, со што ја продолжи долгата традиција на голгетерите кои имале одлични сезони во поодминатите фудбалски години. Тој со овој гол, успеа да го израми рекордот на легендарниот напаѓач од Аргентина Габриел Батистута од сезоната 1994/95. Кваљарела имаше можност да го надмине и Аргентинецот, но не успеа да се запише на листата на стрелците против клубот од неговиот роден град Наполи, само неколку дена откако го прослави својот 36 роденден.

Без разлика, успехот на 36-годишниот Италијанец и игрите кои продолжува да ги прикажува во италијанската Серија А се неверојатни. Иако, според многумина, постигнувањето голови е најтешкиот аспект од фудбалската игра, Кваљарела, но и многу други напаѓачи-ветерани играле и сè уште играат на терените ширум Италија. Во прилог, „Гардијан“ ги издвои најдобрите кои кон крајот од својата кариера успеале редовно да ги полнат противничките мрежи.

Фабио Кваљарела

Кога се зборува за неверојатни голови, името на напаѓачот на Сампдорија секогаш доаѓа во прв план. Италијанецот во текот на својата кариера има постигнувано најразлични голови, од силни штуeви од повеќе од 30 метри до „ножички“ и ефективни голови со „пета“.
Искусниот Кваљарела има настапувано за осум клубови во својата кариера, успеа да ја освои Серија Б со Торино и три последователни титули за времето кога играше за Јувентус, но неговиот најголем личен успех дојде по неговото пристигнување во Сампдорија во 2016 на 33-годишна возраст.
Познат по неговите специфични потези и природниот инстикнт за гол, тој во типот од Џенова успеа да се етаблира како конзистентен напаѓач. Минатата година Фабио Кваљарела постигна 19 лигашки голови (негов личен рекорд), бројка што е веројатно да ја надмине оваа сезона. Моментално, Италијанецот досега постигна 17 голови, само два помалку од Кристијано Роналдо и останува во борбата најдобар стрелец на Серија А.

Един Џеко

Един Џеко (32), по мирниот почеток на кариерата во родната Босна и Херцеговина и Чешка, тој на светската фудбалска сцена се етаблираше по неговиот трансфер во Германија во 2007 година. Босанецот постигна 26 голови во неговата втора сезона во Волфсбург, кога тимот ја освој својата првта титула во Бундеслигата. Набрзо потоа, Џеко направи трансфер во англискиот Манчестер сити во 2010 година и по освојувањето на две лигашки титули со „Сините“ од Манчестер, се приклучи на италијанска Рома.
На 31-годишна возраст, Един Џеко ја заврши сезоната 2016/2017 со 39 голови во сите натпреварување, 29 во Серија А. Следната сезона со неговите голови Рома успеа да стигне до полуфиналето на Лигата на шамипионите.
Иако Џеко овој месец полни 33 години, тој продолжува да биде опасен за противниците, и во Серија А и во Лигата на шампионите.


Диего Милито

Диего Милито го прослави својот 30 роденден во јуни 2009 година. Сезоната пред тоа, тој постигна 24 голови за Џенова, освојуваќи го петото место во Серија А, а потоа потпиша со Интер, каде го замени Златан Ибрахимовиќ.
Аргентинецот одлично ја започна кариерата под палката на Жозе Мурињо, постигнувајќи 30 голови во сезоната кога Интер ја освои тројната круна. Милито продолжи со одлични игри и во следните сезони кога настапуваше за тимот од Милано, постигнувајќи 26 голови на 36 годишна возраст.

Антонио Ди Натале

Испаѓањето на Емполи од Серија А во 2004 година се докажа дека е најдоброто нешто што му се случило на Антонио Ди Натале во неговата долга фудбалска кариера. Тоа лето, тој се пресели во Удинезе и до крајот на кариерата успеа да стане најдобар стрелец во историјата на клубот. Италијанецот успеа да постигне 191 гол за клубот во Серија А, а неверојатно е тоа што 163 од нив дојдоа по неговиот 30 роденден.
Со неговата неверојатно висока фудбалска интелигенција, прецизност и огромна глад за голови, Ди Натале најдобрите години во кариерата ги имаше меѓу 2009 и 2011 година, кога беше најдобар стрелец во лигата две години по ред. Легендата на Удинезе продолжи со неговата маестрална игра и головите, сè до крајот на неговата кариера на 36 години.

Алесандро Дел Пиеро

Според многумина, Алесандро Дел Пиеро е еден од најдобрите напаѓачи во историјата на италијанскиот фудбал. Тој во неговата кариера успеа да ги освои сите можни титули, но скандалот со „Калчополи“ и падот на Јувентус во италијанската Серија Б, означи нов личен почеток за капитенот на тимот од Торино, и тоа на почетокот на четвртата декада од неговиот живот.
По освојувањето на Светското првенство во 2006 година, Дел Пиеро играше за неговиот Јувентус во Серија Б и за разлика од многу други играчи, тој остана верен на „црно-белите“ и овозможи враќање на „Старта дама“ во најсилната фудбалска дивизија. Популарниот напаѓач дури на 33-годишна возраст за првпат успеа да ја освои „златната копачка “ во Серија А.

Франческо Тоти

Фудбалските експерти во Италија тврдат дека нема повторно да се појави играч со таква техника, итрина и дух како Франческо Тоти. Навивачите на Рома пак, сè уште не веруваат дека за нивниот клуб повторно ќе заигра играч верен и успешен како легендарниот капитен, кој го претставуваше нивниот клуб цели 25 години. Тоти го прослави неговиот 30 роденден на почетокот на 2006/2007 сезоната, веднаш по освојувањето на Светското првенство со италијанската репрезентација.
Тој продолжи со одличните игри следната сезона, освојувајќи ја титулата „најдобар стрелец“ во лигата со 26 голови. Од 30 роденден до крајот на неговата кариера на 40 годишна возраст, постигна неверојатни 125 голови.

Лука Тони

При крајот на долгата, номадска кариера која вкучува настапи за 12 италијански клубови, три успешни сезони во Баерн Минхен и бизарно патешествие во Дубаи, се чинеше дека Лука Тони можеби ќе ја заврши кариерата во 2013 година. Наместо тоа, тој на 36-годишна возраст потпиша за Верона.
Тони постина 20 голови во неговата деби-сезона за клубот, а тимот на Верона кој беше повратник во Серија А заврши на високото 10 место. Неговата втора сезона, иако започна споро, тој успеа да ја заврши со 22 погодоци во противничките мрежи, на врвот на листата на стрелците, заедно со 16 години помладиот Мауро Икарди од Интер.