Ако Шкендија го победи Дуделанж, во 3. коло од квалификациите за ЛЕ ќе игра со поразениот од мечот на Селтик со Номе Калју, тим, пак, со кој Шкендија веќе играше во 1. коло за ЛШ
Првакот на Шкотска, Селтик, ќе игра против Макаби Тел Авив или Клуж во третата квалификациска рунда во Лигата на шампиони (ЛШ), доколку претходно во второто коло го елиминира естонскиот првак Номе Калју (мечевите ќе се играат на 24 и на 30 јули), кој, пак, во првата рунда го елиминира првакот на Македонија, Шкендија (1-2 и 0-1).
Во случај на кикс на Селтик, кој е фаворит, односно елиминација во Лига Европа (ЛЕ), можно сценарио е двомеч со Шкендија, се разбира доколку македонскиот првак го елиминира првакот на Луксембург, Дуделанж (неделава и седум дена подоцна), кој во првото коло за пласман во ЛШ загуби од Валета од Малта.
Ждрепката во третата рунда донесе неколку интересни и неизвесни дуели. Ајакс, првакот на Холандија, полуфиналистот во ЛШ минатата сезона, за противник го доби грчкиот ПАОК. Белградска Црвена звезда прво треба да го елиминира Хелсинки, по што го чека подобриот од двомечот Њу Сејнтс (Велс) – Копенхаген (Данска). Порто, пак, за противник го доби рускиот Краснадор, а ПСВ Ајндховен го чека подобриот од дуелот Базел (Швајцарија) – ЛАСК (Австрија). Термините за овие мечеви се 6/7 и 13 август.
ЛШ, ТРЕТО КВАЛИФИКАЦИСКО КОЛО
Шампионски пат: Клуж/Макаби ТА – Селтик/Номе Калју, Сутјеска/АПОЕЛ – Дандалк/Карабах, ПАОК – Ајакс, Сабуртало/Динамо Загреб – Ференцварош /Валета, Црвена звезда/Хелсинки – Њу Сејнтс/Копенхаген, Марибор/АИК – БАТЕ/Розенборг.
Лигашки пат: Басаксшехир – Плзен/Олимпиајакос, Краснодар – Порто, Бриж – Динамо Киев, ПСВ – Базел/ЛАСК.