Проектот за кој станува збор ѝ врти грб на речиси 100-годишната светска фудбалска традиција, игнорирајќи ја историјата на еден од најважните спортски настани на планетата. КОНМЕБОЛ го поддржува актуелното СП, бидејќи се покажа како успешен модел, заснован врз спортска извонредност што ги наградува напорите, талентот и планираната работа, пишува во соопштението на Јужноамериканската фудбалска конфедерација

ФУДБАЛ

Фудбалските гиганти Бразил и Аргентина се меѓу членовите на Јужноамериканската фудбалска конфедерација (КОНМЕБОЛ) што потврдија дека нема да учествуваат на светско првенство (СП) што би се одржувало на две години. Ваквата идеја, која ја промовира поранешниот менаџер на Арсенал, Арсен Венгер, сега шеф за глобален развој на Светската фудбалска федерација (ФИФА), наиде на големи отпори од повеќе засегнати страни во светот, кои се за тоа турнирите и понатаму да се одржуваат секои четири години.
На состанокот на КОНМЕБОЛ во Парагвај, 10 земји-членки јасно ставија до знаење дека нема да дадат зелено светло за СП на две години.
– Нема причини, придобивки или оправдување за промената промовирана од ФИФА. Со оглед на тоа, 10-те земји што го сочинуваат КОНМЕБОЛ потврдуваат дека нема да учествуваат на светско првенство што би се организирало секои две години.

Проектот за кој станува збор ѝ врти грб на речиси 100-годишната светска фудбалска традиција, игнорирајќи ја историјата на еден од најважните спортски настани на планетата. КОНМЕБОЛ го поддржува актуелното светско првенство, бидејќи се покажа како успешен модел, заснован врз спортска извонредност што ги наградува напорите, талентот и планираната работа – пишува во соопштението на КОНМЕБОЛ.
Против предлогот за намалување на времетраењето помеѓу две СП од четири на две години, меѓу другите се Европската фудбалска унија (УЕФА) и Интернационалниот олимписки комитет (ИОК). УЕФА се изјасни дека ќе биде против предлог-измените сѐ „додека не надвладее здравиот разум и тие не бидат отфрлени“. Минатата недела предлозите на ФИФА за промени во меѓународниот календар беа енергично отфрлени од Европските лиги, вкупно 31 на број. Генералниот директор на Европските лиги, Жако Сварт, рече дека предлозите на Венгер создадоа „сериозна промена“ во рамнотежата помеѓу клупскиот и репрезентативниот фудбал од спортски аспект и во економска вредност.