Шампионот Ливерпул постави рекорд освојувајќи најрано титула и го израмни рекордот на Манчестер сити од 32 победи во една сезона

ФУДБАЛ – АНГЛИЈА

Манчестер јунајтед и Челси им се придружија на Ливерпул и на Манчестер сити во Лигата на шампионите (ЛШ) за следната сезона, Лестер и Тотенхем ќе играат во Лига Европа (ЛЕ), а од англиската фудбалска Премиер-лига испаѓаат Норич, Борнмут и Вотфорд. Тоа е епилогот по одиграните 38 кола сезонава, сумира „Скај спорт“.
Во директната пресметка за место што води во ЛШ, Манчестер јунајтед го совлада Лестер на гости со 2-0, а Челси си го завери пласманот со триумфот над Вулверхемптон, исто така, со 2-0. Во ЛЕ ќе се натпреваруваат Лестер и Тотенхем. Волците завршија на седмото место, но и тоа може да биде доволно за место во ЛЕ, ако Челси в сабота го победи Арсенал во финалето на ФА-купот. Во спротивно, Арсенал ќе игра во групната фаза во ЛЕ, а Тотенхем во квалификациите. Волците може да играат во Европа следната сезона, и тоа во ЛШ, ако триумфираат во ЛЕ, во финалето во Келн, на 21 август.