Според неофицијални пресметки, Македонија со победи над Летонија и над Словенија би освоила вкупно 19,9 поени за листата на ФИФА

Македонската репрезентација, според некои пресметки на специјализирани интернет-страници, може да освои 7,3 поени за новата ранг-листа на Светската фудбалска федерација (ФИФА), ако ја победи Летонија во Скопје, в четврток, во првото коло од квалификациите за пласман на Европското првенство во 2020 година.
Според тие неофицијални пресметки, реми и пораз би значеле губење поени за листата (5,2, односно 17,7). Покрај тоа, победа во второто коло, на гости кај Словенија, идната недела, на Македонија би ѝ донела 12,6 поена, реми само 0,1, а бодови би се загубиле со пораз, и тоа 12,4.

На листата за февруари Македонија е на 71-то место со 1.343 поени, па со евентуални две победи веројатно би имала 1.362, колку што приближно сега има репрезентацијата на Мали на 65-то место на листата на ФИФА.

На февруарската листа Словенија е 63-та со 1.369 бода, а Летонија со 1.112 поени е на 131-то место. 


ГРУПАТА Г НА ЛИСТАТА НА ФИФА
20. Полска 1.518
23. Австрија 1.509
63. Словенија 1.369
71. Македонија 1.343
92. Израел 1.265
131. Летонија 1.112