Долг е патот до финалето и до триумфот. Прво да ја поминеме групата, па потоа чекор по чекор, секако дека посакуваме да стигнеме таму. Бразил е еден од фаворитите, но тука се секако и Германија, Аргентина, Шпанија и Франција, изјави за „Нова Македонија“ Силвињо, помошникот на бразилскиот селектор Тите, по победата на Бразил над Австрија со 3-0, во тест-меч во неделата во Виена

Мирко Постоловски
специјално од Виена за „Нова Македонија„

Гостувањето на фудбалската селекција на Бразил се погрижи да се случи мундијалска атмосфера во главниот град на Австрија, Виена, неколку дена пред почетокот на планетарното фудбалско натпреварување во Русија. Бразил ја совлада Австрија со 3-0 во пријателскиот меч во неделата, во Виена.
Самба се играше по улиците низ градот на валцерот до доцна во ноќта славејќи го не само триумфот туку и успешното враќање во тимот на најдобриот бразилски фудбалер во моментов, Нејмар.
– Среќни сме поради Нејмар. Тој е многу битен елемент во нашата игра. Одигра солидни 80 минути и со него во составот може да победиме секого. Неговото присуство е важно не само на теренот туку и за целата атмосфера во селекцијата – изјави за „Нова Македонија“, Силвињо, помошникот на бразилскиот селектор Тите.
Петкратниот првак нема титула од 2002 година, а по убедливиот пораз на последниот собир „кариоките“ се претпазливи во своите изјави. Освојувањето на трофејот секако е цел, но…
– Не размислуваме толку далеку. Долг е патот до финалето и до триумфот. Прво да ја поминеме групата, па потоа чекор по чекор, секако дека посакуваме да стигнеме таму. Бразил е еден од фаворитите, но тука се секако и Германија, Аргентина, Шпанија и Франција – го стеснува кругот Силвињо.
Среќни, насмеани, љубителите на фудбалот го напуштаа стадионот во Виена. И покрај поразот домашните навивачи се покажаа како добри домаќини поздравувајќи ги со аплаузи бразилските ѕвезди.
– Штета што не сме дел од Светското првенство. Тогаш еуфоријата ќе беше уште поголема, но да се гледаат Нејмар и селекцијата на Бразил неколку дена пред почетокот на Мундијалот е вистинско задоволство – коментираа домашните навивачи.

Пријателскиот прием на „кариоките“ го изненади и Луиз Кастро еден од многубројните новинари што ја следеа бразилската репрезентација во Виена.
– Навистина нешто извонредно. Бразилските фудбалери добиваа аплаузи за секој еден потег на теренот и тоа од домашните навивачи, нешто што се гледа ретко. Имаме добар состав, но не сме фаворит број еден. Тука се Шпанија, Германија, Франција, но и Аргентина. Не би сакал да се сретнеме со Лионел Меси, па кога тој би имал добар ден едноставно е незапирлив – смета Кастро.
За карневалска атмосфера во Виена се погрижија и големиот број бразилски навивачи за кои Виена беше последна станица пред мечот Бразил – Швајцарија во Ростов, од 1-то коло на СП 2018.
– Атмосферата за време на секој мундијал е ваква. Се слави, се игра по улиците. За нас Бразилците фудбалот е сѐ – ни изјави еден од навивачите на Бразил присутен на трибините на стадионот во Виена.
Селекцијата на Бразил испрати силна порака по убедливиот триумф со 3-0 над Австрија на последниот меч од подготовките за Светското првенство во Русија. Пред полните трибини на стадионот „Ернст Хапел“ „кариоките“ славеа со погодоците на Габриел, Нејмар и на Кутињо. Австрија пред неколку дена ја совлада Германија со 2-1, но немаше сила за уште едно „мало чудо“.
– Сметам дека го видовме новиот светски првак. Едноставно, бразилскиот состав беше класа подобар од нас – истакна Арнаутовиќ.


Нејмар: Светското првенство може да почне

По пауза од три месеца поради повреда во почетниот состав се појави Нејмар, кој со постигнатиот гол, 55-ти за „селесао“, се изедначи на вечната листа со Ромарио. Повеќе голови од него за Бразил имаат постигнато само Пеле (77 гола) и Роналдо (62 погодока).
– Одигравме одличен меч. Нашиот квалитет го потврдивме на теренот. Повредата е минато, задоволен сум со покажаното на теренот и со моите движења. Светското првенство може да почне – порача Нејмар од Виена.
Мундијалот во Русија почнува задутре, а на отворањето ќе се сретнат Русија и Саудиска Арабија.