Неславно деби за Кристијано Роналдо во дресот на Јувентус во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ). Тој доби црвен картон на мечот против Валенсија (Јувентус победи со 2-0), прв за него на 154-от меч во ЛШ, вкупно 11-ти во кариерата, за што му следува суспензија најмалку од еден натпревар.
Судијата, Германецот Феликс Брих, по консултацијата со помошникот му покажа црвен картон во 29 минута поради кошкање и наводно фаќање за коса на Џејсон Мурилјо. Фудбалерите на Јувентус го добија третиот црвен картон по ред во ЛШ, вкупно 26-ти, што е рекорд во ЛШ.
Разбирливо, Роналдо беше бесен по мечот, а тренерот на Јувентус, Масимилијано Алегри, рече дека нема да се жалат поради исклучувањето.
– Веројатно системот видеопомошник-судија (ВАР) би помогнал во спорната ситуација. Разочарувачки е поради еден ваков инцидент да ви биде исклучен играч на важен меч во ЛШ. Можевме да го загубиме мечот, а го загубивме Роналдо најмалку за еден натпревар – изјави Алегри.