Фудбалската репрезентација на Македонија, во Букурешт се подготвува за првиот меч на Европското првенство кога в недела против Австрија ќе дебитира на големите натпреварувања. Репрезентативецот на Македонија, Стефан Ристовски, во изјава за српска „Република“, открива каква е атмосферата во тимот.
– Се обидуваме атмосферата да биде на високо ниво, таа ни овозможи да дојдеме на ЕП 2020. Сепак, не е лесно, 24 часа сме затворени во хотелот. Излегуваме од хотелот само кога одиме да тренираме. Сакаме да нѐ потценат, тогаш сме најсилни. Досега бевме скромни, такви ќе бидеме и на ЕП. Знаеме каков квалитет имаме. Верувајте ќе има изненадувања на ЕП. Фаворит во нашата група е Холандија, за другото ќе видиме – рекол фудбалерот на Динамо Загреб.
Македонија во Ц-групата на ЕП ќе игра против Австрија в недела, Украина (17 јуни) и Холандија (21 јуни).