Формига, која одигра 234 меча за националниот тим, е единствената што играла на сите седум изданија на олимпискиот турнир за фудбалерки (има два сребрени медала), таа е единствениот играч, во машка или во женска конкуренција, со настап на седум СП, ги држи рекордите за најстар играч на СП и за најстар стрелец…
Легендата на бразилскиот женски фудбал, Формига (43), играч од средниот ред, се збогува со националниот тим на пријателскиот натпревар со Индија (6-1) во Манаус, ставајќи ѝ крај на 26-годишната успешна кариера. За националниот тим дебитира во 1995 година, на 17 години.
– Беше прекрасно. Не можеше да биде подобро – беше нејзината изјава што ја објави Бразилската фудбалска конфедерација (ЦБФ).
Првпат во нејзината кариера на стадионот беше и мајка ѝ Селест. Таа се потсети како нејзината ќерка се соочувала со „многу предрасуди“, како девојка што игра фудбал. „А таа само сакаше да си игра со топката цело време“.
„Иконскиот“ број 8 влезе во игра во 78. минута и имаше неколку шанси, но не постигна гол. Сепак, тоа не влијаеше на нејзиното добро расположение по натпреварот, 234-ти за националниот тим, бројка без конкуренција во бразилскиот машки и женски фудбал. Формига, која го напушти ПСЖ во јуни за да потпише со Сао Паоло до декември 2022 година, е единствената што играла на сите седум изданија на олимпискиот турнир за фудбалерки, притоа освојувајќи два сребрени медала, во 2004 и во 2008 година. Таа е и единствениот играч, во машка или во женска конкуренција, со настап на седум светски првенства (СП). Таа го држи и рекордот за најстар играч на СП (41 година, во 2019-та) и за најстар голгетер на турнирот (37 години, во 2015-та).
Честитки до Формига пристигнаа од некои од најголемите имиња во бразилскиот фудбал, вклучувајќи ги Пеле, Марта и Нејмар. „Честитки со целото мое срце. Да живее Бразил и да живее Формига“, рече Пеле во видеопораката. Марта кажа дека е „тешко да се замисли селекцијата без Формига, без нејзината голема волја што ѝ била двигател на тренинзите и на натпреварите“.