Жан Мишел Ола, претседател на францускиот фудбалски клуб Лион, не сака сезоната да биде откажанa. Тој испратил документ од 23 страници до француската лига, до Ноел Ле Грат, претседател на Федерацијата и до Џорџо Маркети, директор на клупските натпреварувања на Европската фудбалска унија (УЕФА), со план да го заврши француското првенство, пишува шпанскиот спортски дневен весник „Марка“.
Овој план, обелоденет од францускиот „Л’екип“, се состои од иновативен формат, еден вид првенство во три фази, со плејоф за титулата и за одредување на позициите на клубовите што ќе настапат во Лигата на шампионите (ЛШ) во Лига Европа (ЛЕ).
Во првата фаза би се вклучиле екипите што на табелата се од 10-то до 15-то место по 28-то коло, кои би играле меѓусебно. Трите победници би се преселиле во горниот дел, а поразените во плејаутот.
Вториот дел би имал 12 учесници, поделени во четири групи со по три екипи, кои би играле по еднаш секој против секого (ПСЖ, Марсеј, Рен и Лил би биле носители). Првите два тима од секоја група би се пласирале во плејофот, почнувајќи со четврт-финалето. Вкупниот победник би бил првак и заедно со финалистот би играл во ЛШ.