Францускиот клуб има шанса да освои рекордни пет трофеи сезонава, подвиг каков што има забележано само шкотски Селтик во сезоната 1966/1967
Францускиот првак, Пари Сен Жермен (ПСЖ), се пласира во финалето во Лигата на шампионите (ЛШ), по триумфот над Лајпциг (3-0) во полуфиналето во португалскиот град Лисабон. За ПСЖ ова е прво финале во ЛШ во 50-годишната клупска историја.
Најголем успех за тимот од Париз досега е пласманот во полуфиналето во 1995 година. Последниве години, од 2012 до 2016, ПСЖ беше елиминиран во четвртфиналната фаза, а од 2016 до 2019 не го минуваше осминафиналето.
ПСЖ ќе биде петтиот француски тим (по Ремс, Сент Етјен, Марсеј и Монако) што ќе игра во финале на КЕШ/ЛШ, прв по Монако во 2004 година. Повеќе тимови што играле во финале на ова натпреварување имало само од Англија (осум) и од Италија и Германија (шест).
Нејмар и Килијан Мбапе беа главна опасност по голот на Лајпциг, но одличен натпревар одигра и Анхел ди Марија, стрелецот на вториот гол и асистентот при постигнувањето на другите два гола или вкупно 27 асистенции во ЛШ за него од 2007 година па досега. Само Лионел Меси и Кристијано Роналдо (двајцата по 32), се поуспешни во таа категорија. Со Нејмар, Мбапе и Ди Марија во стартните 11, ПСЖ има загубено само еден од 12-те натпревари. ПСЖ е без пораз на 17-те меча во ЛШ, на кои Ди Марија постигнал гол (15 победи и две ремија).
Само Патрик Клајверт (25), Гонзало Игуаин (21) и Мохамед Салах (18), имаат постигнато голови на повеќе натпревари без пораз на нивните тимови во ЛШ. ПСЖ постигнуваше гол и повеќе на последните 34 дуели во ЛШ со што го израмни рекордот на Реал.
– Ги „изедовме“ уште од првата минута. Сега ќе биде тешко да се спие до финалето. Одигравме одлично и покажавме дека заслуживме да се бориме за титулата. Воопшто не е важно против кого ќе играме, ние ќе дадеме сѐ од себе – задоволно изјави по мечот Ди Марија.
ПСЖ стигна до првото финале во ЛШ одигрувајќи најмногу натпревари од сите тимови, 110. Претходно рекордер беше Арсенал, кој до пласманот во првото финале во ЛШ (2006) имаше одиграно 90 натпревари.
Доколку триумфира во финалето, ПСЖ ќе го освои петтиот трофеј сезонава во секое натпреварување во кое учествуваше! Само шкотски Селтик забележа сличен подвиг во една кампања, во 1966/1967, кога освои пет трофеи, победувајќи во тогашниот Куп на европските шампиони (КЕШ), сега ЛШ, во Првата лига на Шкотска, во шкотскиот ФА и Лига-куп, и во Купот на Глазгов.
Досега само Реал (2016/2017 и 2017/2018) и Баерн (2012/2013) имаат освоено по четири трофеи во сезона, вклучувајќи го и пехарот во ЛШ.
ПСЖ го освои првиот трофеј пред повеќе од една година, кога го совлада Рен (2-1) во мечот меѓу победникот во Лига 1 (ПСЖ) и освојувачот на Купот на Франција (Рен). Поради пандемијата на коронавирусот, шампионатот на Франција беше прекинат и не продолжи, а ПСЖ, кој беше на лидерската позиција со 12 бода предност, беше прогласен за нов/стар првак. Кога продолжија натпреварите во јули, ПСЖ ги доби двете финалиња, во Купот на Франција против Сент Етјен (1-0) и во Лига-купот против Лион, на пенали.