Англиската фудбалска Премиер-лига повторно ја разгледува опцијата за играње мечеви зад затворени врати, за да ја комплетира сезоната. Надежите се дека тоа може да се случи пред мај, за кога е предвидено продолжението на сезоната. Распространето е мислењето дека навивачите треба да бидат присутни на натпреварите, но исто така постои и уверување оти фудбалот на ТВ би можел да го врати чувството за некаква нормалност.
Но остануваат здравствените проблеми, без разлика дали мечевите ќе се играат зад затворени врати или не. Играњето натпревари, дури и со крајно ограничен број луѓе, може повторно да ги изложи на опасност. Некои, пак, сметаат дека сите планови за играње фудбал додека не се смири кризната ситуација се „само илузија“ и дека тоа нема да се случи до јуни, најрано.
„Скај спорт“ објави дека клубовите од Премиер-лигата треба да се состанат на 3 април за да дискутираат за продолжението на сезоната, во која остануваат да се доиграат од девет до десет натпревари. Клубовите се надеваат дека дотогаш ќе имаат појасни насоки од Владата и од другите експерти пред да донесат какви било одлуки. Премиер-лигата првично беше суспендирана до 3 април, пред да ја продолжат клубовите суспензијата до 30 април.