Клубовите најавија дека ќе работат заедно на нов стратегиски план за финансирање на англискиот фудбал

ФУДБАЛ

Клубовите од англиската Премиер-лига „едногласно“ ги отфрлија предлозите на Ливерпул и на Манчестер јунајтед за радикални промени во структурите и финансиите на Лигата и најавија дека ќе „работат заедно“ на нов стратегиски план за финансирање на англискиот фудбал, објави „Ројтерс“. Во проектот „Голема слика“ беше наведено дека ќе има повеќе пари за 72 клуба во трите англиски лиги (ЕФЛ), Чемпионшип, Лига 1 и 2, но беа вклучени и специјални права на глас за најголемите клубови во Премиер-лигата, како и намалување на бројот на тимовите во елитата, од 20 до 18. На виртуелниот состанок на 20 клуба во Премиер-лигата, плановите беа отфрлени со посебен, поширок преглед инициран од целата Лига.
– Сите 20 клуба едногласно се согласија дека проектот „Голема слика“ нема да биде одобрен или следен од Премиер-лигата или од Фудбалската асоцијација. Понатаму, акционерите во Премиер-лигата се согласија да работат заеднички, како колектив од 20 клуба, на стратегиските планови за идната структура и финансирање на англискиот фудбал, консултирајќи се со сите засегнати страни за да се обезбеди жива, конкурентна и одржлива фудбалска пирамида – се вели во соопштението на Лигата, пренесува „Ројтерс“.

Премиер-лигата соопшти и дека се согласила да понуди пакет за спас на клубовите од Лига 1 и Лига 2 (трето и четврто ниво). Таа понуда ќе се состои од грантови и бескаматни заеми во вкупна вредност од 50 милиони фунти, како додаток на солидарните исплати од 27,2 милиони фунти. Извршниот директор на Премиер-лигата, Ричард Мастерс, рече дека состанокот бил „искрен, конструктивен и позитивен“. Клубовите од ЕФЛ (вкупно 72), кои во голема мера го поддржуваа проектот „Голема слика“, поради ветувањата дека ќе добијат повеќе пари, вклучувајќи и фонд за спас од 250 милиони фунти, соопштија дека ќе се состанат за да разговараат за новата понуда.