Првпат во историјата на финалето на Копа Либертадорес, јужноамериканската верзија на европската Лига на шампиони, ќе играат два аргентински клуба – Бока јуниорс и Ривер Плата.
Бока синоќа во полуфиналето го елиминираше бразилски Палмеирас, откако во реваншот одигра 2:2 на гости, претходно славејќи дома со 2:0.
Ривер Плата до финалето стигна благодарејќи на голот повеќе во гости. Во првиот натпревар од полуфиналето Ривер Плата беше поразена од бразилски Греми со 0:1, а на реваншот славеа со 2:1.
Двете екипи веќе имаат играно една против друга во Копа Либертадорес, последен пат во 2015 година во четвртфиналето и таа година Ривер Плата стигна до третата титула.
Првиот финален меч ќе се игра следната среда на Бонбонера, стадионот на Бока Јуниорс. Реваншот треба да се игра на 28 ноември, но одржувањето на самитот Г20 два дена подоцна во Буенос Аирес би можел да го помести натпреварот за 5 декември или да го помести седум дена порано, на 21 ноември.