Ждрепката за осминафиналето ќе биде полудиригирана, па осумте победници во групите ќе играат против второпласираните, но не против тим со кој играле во иста група сезонава или против тим од својата земја

ФУДБАЛ – ЖДРЕПКА ЗА ЛШ В ПОНЕДЕЛНИК

Пред ждрепката за осминафиналето во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) носители се Ајакс, Баерн, Јувентус, Ливерпул, Манчестер јунајтед, Манчестер сити, Реал Мадрид и Лил (победници во групите), како и Атлетико, Бенфика, Челси, Интер, ПСЖ, Спортинг, Салцбург и Вилјареал или Аталанта (синоќа играа во одложениот меч од шестото коло).
Ждрепката за осминафиналето што ќе се влече в понеделник напладне ќе биде полудиригирана. Тоа значи дека осумте победници во групите ќе играат против второпласираните, но не против тим со кој играле во иста група сезонава или против тим од својата земја. Според тоа, актуелниот европски првак Челси во осминафиналето нема да игра со Јувентус, Ливерпул, Манчестер јунајтед и со Манчестер сити, па можни противници се Ајакс, Баерн, Реал Мадрид и Лил.
Победниците во групите првиот осминафинален натпревар ќе го играат на гости. Првите натпревари треба да се играат од 15 до 23 февруари, а реваншите од 8 до 16 март. Новитет сезонава во ЛШ е што повеќе го нема т.н. „правило за предност на тимот со повеќе постигнати голови на гости“, кое беше воведено во 1965 година. Доколку по два меча е нерешено, ќе се играат продолженија од двапати по 15 минути без оглед на бројот на постигнати голови на гости. Ако и по дополнителните 30 минути игра нема победник ќе се изведуваат пенали.
Во плејофот во Лига Европа како третопласирани во групите во ЛШ ќе настапат Барселона, Севилја, Зенит, Лајпциг, Порто, Борусија Д., Шериф и Вилјареал или Аталанта.


ОСМИНАФИНАЛИСТИ ВО ЛШ СЕЗОНАВА

Носители: Ајакс, Баерн, Јувентус, Ливерпул, Манчестер јунајтед, Манчестер сити, Реал Мадрид и Лил
Неносители: Атлетико, Бенфика, Челси, Интер, ПСЖ, Спортинг, Салцбург и Вилјареал или Аталанта