Фудбалските мечеви еден ден по Божиќ во Англија не се многу променети од 1960-тите и уште се сметаат за едни од најдобрите моменти, ако не и најдобри, за навивачите да гледаат натпревари во живо и да уживаат во нив

За љубителите на фудбалот на британскиот Остров, денешниот боксинг деј, или денот по Божиќ (по грегоријанскиот календар), кога традиционално се отвораат подароците, е најбитен, најсвечен, најпразничен… Боксинг деј се слави на 26 декември во Велика Британија, Австралија, Нов Зеланд, Канада и во други земји. Играњето фудбалски мечеви на тој ден почнува од првата сезона во Првата лига со 22 тима, во сезоната 1888/1989, со мечот Престон Норт енд – Дерби каунти (5-0).

До 50-тите години од 20 век фудбалските натпревари се играле и на Божиќ, кога по традиција верниците седеле дома, го слушале говорот на кралицата, се шегувале и си посакувале сѐ најдобро со најблиските. Но новите технологии (ТВ) и новите интересирања и работи што може да се прават за време на слободните денови, како и инсталирањето на рефлекторите на стадионите, со тоа и можноста да се игра во вечерните часови, придонеле мечевите за празниците да се развлечат на два, па и на три дена. Последниот меч што се одиграл на Божиќ, на 25 декември, во Англија, е дуелот Блекпул – Блекбурн (4-2) во 1965 година.

Луѓето што се одговорни за термините на натпреварите на денешниот ден се обидуваат да ги направат мечевите што е можно полокални. Натпреварите обично се играат во градови и на локации до кои навивачите на двата тима нема да патуваат предалеку и потоа брзо ќе можат се вратат дома. Тоа се денови и периоди кога семејството и пријателите се собираат и одат заедно на натпреварите, па затоа и посетеноста е на највисоко можно ниво. Фудбалските мечеви на боксинг деј не се многу променети од 1960-тите и уште се сметаат за еден од најдобрите моменти, ако не и најдобар, за навивачите да гледаат натпревар во живо и да уживаат во него. Но не треба да се занемари и фактот дека традицијата на играње мечеви на денешниот ден е и шанса за многу комерцијални зделки за премиерлигашките клубови.

Големите локални дерби-натпревари обично не се закажуваат за тој ден, бидејќи тие и така имаат голема посетеност во другите термини. Се разбира, бидејќи станува збор за 92 клуба во Англија не секогаш е можно да се избегне некое локално дерби. Има и правило според кое клубот што гостува на боксинг деј е домаќин на 1 јануари, за Нова година. 


Пет незаборавни меча, со дожд од голови

Во терминот 26 декември се одиграле голем број интересни мечеви, од кои британските медиуми издвојуваат пет како „незаборавни“.
Арсенал – Њукасл 7-3 во 2012 година. Постои популарно клише, кое вели дека одбраните спијат на овој ден. Изреката се покажа како точна на тој натпревар, беа постигнати 10 гола откако на полувремето беше 1-1.
Тотенхем – Рединг 6-4 во 2007 година. Уште еден фантастичен меч. Домаќините дејствуваа збунето и направија многу грешки, но потоа на сцена стапи бугарскиот напаѓач Димитар Бербатов, кој постигна четири гола за Тотенхем.
Челси – Астон вила 4-4 во 2007 година. Уште еден трилер-меч на кој имаше сѐ: драма, осум гола, три црвени картони и два гола на Андриј Шевченко за Челси.
Њукасл – Тотенхем 7-1 во 1996 година. Одличен божиќен подарок за навивачите на „страчките“. Неверојатен натпревар одиграа Алан Ширер, Роб Ли, Лес Фердинанд и Филип Алберт.
Манчестер јунајтед – ВБА 3-5 во 1978 година. На тој меч ВБА го уништи фудбалскиот гигант…


ПРЕМИЕР-ЛИГА
Денеска
Тотенхем – Брајтон 13.30 ч.
Борнмут – Арсенал 16 ч.
Челси – Саутемптон 16 ч.
Астон вила – Норич 16 ч.
Евертон – Барнли 16 ч.
Шефилд Ј.- Вотфорд 16 ч.
Кристал палас – Вест Хем 16 ч.
Манчестер Ј. – Њукасл 18.30 ч.
Лестер – Ливерпул 21 ч.
Утре
Вулверхемптон – Манчестер С. 20.45 ч.