ИОК
Олимписките лидери повторно го искажаа своето несогласување со планот за одржување фудбалски светски првенства (СП) на две наместо на четири години.
– Присутните изразија сериозна загриженост во врска со предлозите на ФИФА за СП на две години поради влијанието врз календарот на спортските настани во светот – се вели во соопштението на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) по дебатата на годишниот „Олимписки самит“ на влијателните спортски тела на онлајн состанокот во Лозана.
На прашањата од неколку делегати во врска со позачестено СП, претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, одговорил дека „тековните дискусии во ФИФА беа пошироки по обем од светско првенство на две години и дека она што беше презентирано досега беа само прелиминарни резултати, кои уште се предмет на дискусија“.
ИОК претходно соопшти дека почести СП ќе влијаат врз календарот на натпревари во „тенис, велосипедизам, голф, гимнастика, пливање, атлетика, Формула 1 и многу други“. Исто така, СП 2028 потенцијално би ги загрозило Летните олимписки игри (ЛОИ) во Лос Анџелес, кои треба да бидат отворени на 21 јули 2028 година.
ФИФА ќе биде домаќин на свој онлајн состанок на 20 декември во Доха, Катар, со сите 211 национални федерации и континентални фудбалски лидери поради дебата и за идните опции на турнирот.