За титулата ќе играат 16 репрезентации и вкупно 192 фудбалери поделени во четири групи. Натпреварите ќе се играат во непосредна близина на стадионот „Лужники“, на новата арена, која е со капацитет од 4.500 места, специјално направена за потребите на ова СП

ПОЧНУВА 11. СП ВО ФУДБАЛ НА песок ВО РУСИЈА

Во Москва, Русија, од денеска, па до 29 август ќе се одржува 11. Светско првенство (СП) во фудбал на песок. За титулата ќе играат 16 репрезентации и вкупно 192 фудбалери поделени во четири групи. Натпреварите ќе се играат во непосредна близина на стадионот „Лужники“, на новата арена, која е со капацитет од 4.500 места, специјално направена за потребите на ова СП. Во четврт-финалето ќе се пласираат првите две селекции од четирите групи. Португалија ја брани титулата освоена пред две години во Парагвај.
Првото СП во фудбал на песок се одржа во Рио де Жанеиро, Бразил, во 2005 година. Бразилците се најуспешна нација со пет титули (2006, 2007, 2008, 2009, 2017). По две титули имаат освоено Русија (2011, 2013) и Португалија (2015, 2019), а една Франција (2005).
Огнената птица по име Саришка е првата официјална маскота во историјата на СП во фудбал на песок. Таа е дел од словенската митологија, која ги отелотворува сите атрибути на легендарното суштество, вклучувајќи ги и силата и издржливоста, како и забавата и енергијата што ја поседува спортот.
Што се однесува до правилата, секој тим има по пет играчи на теренот, еден голман и четири играчи во поле, како и седум замени. Не постои ограничување на бројот на замени. Натпреварите се играат трипати по 12 минути, со паузи од по три минути. Часовникот се запира во случај на гол, фаул или повреда. Истото важи и ако судијата верува дека еден тим непотребно го троши времето.

Натпреварите се играат на песок со длабочина од најмалку 40 см. Должината на теренот треба да биде помеѓу 35 и 37 метри, а ширината помеѓу 26 и 28 метри. Головите се високи 2,2, а широки 5,5 метри. Топката има исти димензии како и онаа во обичниот фудбал, со обем помеѓу 68 и 70 сантиметри, но е полесна и тежи помеѓу 400 и 440 грама.
Натпреварот во фудбал на песок може да се добие или да се загуби и никогаш не завршува со нерешен резултат. Ако резултатот е нерешен, правилата велат дека мора да се играат уште три минути продолжение. Ако и по ова време сѐ уште нема победник, мечот ќе мора да се реши со пенали. Секој тим изведува по пет удари, односно се шутира сѐ додека не се добие победник, а победничкиот тим добива еден бод.
Ако некој играч е исклучен откако добил втор жолт или црвен картон, тој може да биде заменет по две минути. На играчите не им е дозволено да прават жив ѕид кога се изведува слободен удар. Важен детаљ е и дека слободниот удар мора да го изведе фаулираниот играч, освен ако повредата не го спречи во тоа.
За разлика од традиционалниот фудбал, но исто како и во футсалот, не смее да се постигнуваат погодоци директно од слободен удар, а и не постои офсајд. Аутите или слободните удари може да се изведат со раце или со нога.


Земји-учеснички на СП

Група А: Русија, САД, Парагвај, Јапонија
Група Б: Шпанија, Мозамбик, ОАЕ, Тахити
Група Ц: Бразил, Швајцарија, Белорусија, Ел Салвадор
Група Д: Португалија, Оман, Сенегал, Уругвај