На Европското првенство (ЕП) во 2020 година ќе игра најмалку еден, а можеби и три дебитанти на континенталните фудбалски шампионати, откако во плејофот на Лигата на нациите за пласман на ЕП се најдоа шест репрезентации што досега не играле на финалниот турнир. Тоа се БиХ од лигата Б, Финска од лигата Ц и сите четири репрезентации од лигата Д – Македонија, Косово, Грузија и Белорусија.
Според пласманот во Лигата на нациите, можни двојки за пласман на ЕП 2020 се БиХ – Шведска и Украина – Данска од лигата Б, Шкотска – Финска и Норвешка – Србија од лигата Ц, како и Македонија – Косово и Грузија – Белорусија од лигата Д. Можни се измени во двојките, затоа што учесниците во плејофот, што треба да се игра во март 2020 година, ќе бидат одредени по завршувањето на редовните квалификации за ЕП 2020, кои, пак, треба да се играат од март до ноември в година.
Ако некоја од репрезентациите што се пласира во плејофот обезбеди место на ЕП преку квалификациите, тогаш таа ќе ѝ го отстапи местото во плејофот на следната селекција според пласманот во Лигата на нациите.
Така, според вкупниот пласман во лигите, први на листата за чекање се, на пример, Русија и Австрија од лигата Б, Бугарија и Израел од лигата Ц, Луксембург и Ерменија од лигата Д, секако, и други селекции, ако овие репрезентации остварат пласман на ЕП преку квалификациите.
МОЖНИ ПЛЕЈОФ-ДУЕЛИ ЗА ПЛАСМАН НА ЕП 2020
Лига А: Португалија, Англија, Холандија, Швајцарија
Лига Б: БиХ – Шведска, Украина – Данска
Лига Ц: Шкотска – Финска, Норвешка – Србија
Лига Д: Грузија – Белорусија, Македонија – Косово
За лигата А ќе се влече ждрепка на 3 декември. Финалните двојки за сите четири лиги ќе бидат одредени по завршувањето на квалификациите за ЕП 2020. Плејофот треба да се игра во март 2020 година