Баерн, Ливерпул, Јувентус и Салцбург со победи веќе по четири кола ќе бидат сигурни во пласманот меѓу 16-те најдобри, а Ајакс би се нашол во осминафиналето ако во ова коло освои повеќе бодови од Спортинг

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ, НЕДЕЛАВА ЧЕТВРТО КОЛО

Во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) утре и задутре се играат натпреварите од четвртото коло во групната фаза, во кое повторно меѓу себе се среќаваат тимовите од третата рунда, од пред две недели. По ова коло, четири тима можат уште сега, со победи, да обезбедат место во осминафиналето.
Најефикасниот тим сезонава, Баерн (12 гола), ќе се пласира меѓу 16-те најдобри сезонава во Лигата на шампионите ако ја повтори победата над Бенфика во третото коло, а и други лидери во групите, Ливерпул, Салцбург и Јувентус исто така можат да обезбедат место во осминафиналето со освојување по три бода. Ајакс, пак, ќе се квалификува во следната рунда ако во четвртото коло освои повеќе бодови од Спортинг.
Мало изненадување во победата на Баерн над Бенфика (4-0) во Португалија на третиот натпревар беше тоа што Роберт Левандовски доцна се запиша во листата на стрелците, дури во 82. минута. Утрешниот меч за кандидатот за наградата „златна топка“ на францускиот магазин „Франс фудбал“ за најдобар фудбалер на годината е причина за ново славје, бидејќи тоа ќе му биде 100-ти настап во ЛШ на кои постигна 78 гола, меѓу кои пет погодока сезонава, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА) на својата интернет-страница.
Реал Мадрид го победи Шахтар во минатото коло на гости, со 5-0, но избраниците на тренерот Карло Анчелоти ќе мора да бидат претпазливи, затоа што минатата сезона гостите славеа со 3-2 на „Сантијаго Бернабеу“, а сега се во обид да го постигнат првиот гол сезонава во ЛШ, пишува УЕФА.
Во групата Ф е доста изедначено. Разликата помеѓу лидерот Манчестер јунајтед и четвртопласираниот Јанг бојс е само три бода. Манчестер јунајтед го очекува тешко гостување во Бергамо, кај Аталанта, каде што италијанскиот тим ќе сака реванш за поразот со 2-3 на „Олд трафорд“, по водството со 2-0 во првото полувреме. Потоа ќе следува ново тешко гостувањето кај Вилјареал во реприза на финалето на Лига Европа (ЛЕ) од минатата сезона. Резултатите од овие два меча веројатно ќе влијаат на пласманот на четирите тима.


ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ, 4. КОЛО

ВТОРНИК
Група Е: Динамо К. – Барселона, Баерн – Бенфика
Група Ф: Вилјареал – Јанг бојс, Аталанта – Манчестер Ј.
Група Г: Волфсбург – Салцбург, Севилја – Лил
Група Х: Малме – Челси, Јувентус – Зенит

СРЕДА
Група А: Манчестер с.- Бриж, Лајпциг – ПСЖ
Група Б: Милан – Порто, Ливерпул – Атлетико
Група Ц: Спортинг – Бешикташ, Борусија Д. – Ајакс
Група Д: Реал М. – Шахтар, Шериф – Интер