Фудбалските репрезентативци на Македонија синоќа ја победија Словенија во квалификациите за Европското првенство 2020 година, па поради тоа добија премија од 100.000 евра од македонската куќа на фудбалот.
Управниот одбор на ФФМ одлучил да се исплати премија за постигнатиот резултат. Ова е дополнителен мотив за позитивен резултат и на неделниот квалификациски дуел во Варшава, против првопласираната во нашата група, селекцијата на Полска.
Претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини изрази своето задоволство од остварените резултати.
– Уживаме во прекрасни фудбалски денови и посакуваме тоа да продолжи. Македонскиот фудбал по триумфот против Словенија доби уште една причина за радост, но сакам да им порачам на фудбалерите и навивачите да останеме скромни и смирени. Убаво е да се видат полни трибини на Националната арена и нашата репрезентација на сите насловни страници, тоа ја покажува моќта на фудбалот. Како раководство на Фудбалската федерација на Македонија ветивме премија за репрезентацијата и ќе исплатиме сума од 100.000 евра како награда за трудот и резултатите. Честитки и посакувам да ја продолжиме оваа убава приказна, да ја задржиме позитивната енергија и да бидеме уште подобри – изјави Сејдини.
Македонската фудбалска делегација веќе е на пат кон Варшава.