Во осминафиналето сезонава во ЛШ ќе има тимови од осум земји, повеќе отколку во минатите две години, а рекордот е од пред шест сезони, кога меѓу 16-те најдобри имаше претставници од 10 првенства

И сезонава во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) ќе остане недостижна сезоната 2015/2016, кога рекорден, и тоа двоцифрен број земји имаа свои претставници во осминафиналето. Сезонава ќе има осминафиналисти од осум земји, што е, сепак, повеќе од минатите две сезони (шест лани, а пет една сезона пред тоа). Пласман меѓу 16-те најдобри екипи сезонава во ЛШ обезбедија Челси, Манчестер сити, Манчестер јунајтед и Ливерпул од Англија, Јувентус и Интер од Италија, ПСЖ и Лил од Франција, Реал Мадрид и Атлетико Мадрид од Шпанија, Спортинг и Бенфика од Португалија, Баерн од Германија, Ајакс од Холандија и Салцбург од Австрија. За уште едно место синоќа меѓу себе играа Аталанта од Италија и Вилјареал од Шпанија.
Најсилното европско клупско фудбалско натпреварување од сезоната 1992/93 се игра според овој формат, како Лига на шампионите, а осминафиналиња се воведени од сезоната 2003/2004. Во сите сезони меѓу 16-те најдобри екипи имало претставници од петте најсилни лиги во Европа (Англија, Германија, Италија, Франција и Шпанија), а настапиле и тимови од Австрија, Белгија, Грција, Данска, Кипар, Португалија, Русија, Турција, Украина, Холандија, Чешка Швајцарија, Шкотска… Во рекордната сезона 2015/2016 со екипи од 10 земји во осминафиналето, имаше претставници и од Белгија, Португалија, Русија, Украина и од Холандија. По девет земји имаа свои тимови во осминафиналињата во три сезони, и тоа во 2011/2012, 2012/2013 и 2017/2018. Најмалку земји-учеснички во осминафинале на ЛШ, само пет, имаше во сезоната 2019/2020 (од Англија, Германија, Италија, Франција и од Шпанија).


ОСМИНАФИНАЛИСТИ

СЕЗОНА                             ЗЕМЈИ
2015/2016                         10
2011/2012                         9
2012/2013                         9
2017/2018                         9
2013/2014                         8
2014/2015                         8
2021/2022                         8
2018/2019                         7
2016/2017                         6
2020/2021                         6
2019/2020                         5