Сомнително досуден пенал во самата завршница, што Кристијано Роналдо го реализираше, го прати Реал Мадрид во полуфиналето на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), по вечерашниот возбудлив меч против Јувентус (1-3) на „Сантјаго Бернабеу“. Шпанците славеа со вкупен резултат од 4-3 во двомечот, и покрај поразот на домашен терен.
Англискиот судија Мајкл Оливер покажа на „белата точка“ во судиското надополнување, по дуелот на гостинскиот дефанзивец Мехди Бенатија и Лукас Васкез во шеснаесетникот на Јувентус. Роналдо беше сигурен изведувач против резервниот голман на Јувентус Војчех Шчесни, кој влезе на местото на Гонзало Игуаин, откако првиот чувар на мрежата Џанлуиџи Буфон беше исклучен поради протест за досудениот пенал. Претходно, „бјанконерите“ ја достигнаа предноста на Реал од првиот меч, од 3-0, со головите на Марио Манџукиќ во 2-та и во 37-та минута, како и на Блез Матуиди во 61-та минута.
Одлуката на Оливер предизвика бурни протести од играчите на италијанската екипа, по што голманот и капитен на гостите, Буфон, беше исклучен првпат во ЛШ, во неговиот 117-ти натпревар во престижното натпреварување. На тој начин, легендарниот чувар на мрежата, веројатно ќе ја заврши играчката кариера без посакуваниот трофеј во ЛШ, бидејќи веќе најави дека ова е негова последна сезона.
Претходно, Буфон доби овации од гледачите на „Сантјаго Бернабеу“ кога се појави на теренот вечерва, додека Марсело, кој ја носеше капитенската лента за Реал, му се поклони на Италијанецот, при фрлањето на паричката пред почетокот на средбата.
Еден од најдобрите голмани на денешницата има бројни успеси во својата богата кариера, меѓу кои се освоениот Куп на УЕФА со Парма во 1999 година, како и Светското првенство во 2006 година со италијанската репрезентација.
Роналдо, пак, одново е јунак на Реал за кого веќе постигна 15 погодоци во тековното натпреварување, со што се доближи до својот учинок од 16, односно 17 гола, во претходните две изданија на ЛШ во кои мадриѓани беа освојувачи.
Баерн и Севилја ремизираа 0-0 во Минхен вечерва, со што и Германците се пласираа во полуфиналето со вкупни 2-1 во двомечот. Рома и Ливерпул вчера изборија учество меѓу најдобрите четири екипи во ЛШ. Ждрепката за полуфиналните двојки ќе се влече в петок, во Нион, Швајцарија.