ФУДБАЛ
Претседателот на Европската фудбалска унија (УЕФА), Александер Чеферин, најави дека ќе се разговора за задржување на годинашниот формат во Лигата на шампионите (ЛШ) и во Лига Европа (ЛЕ), со по еден елиминациски натпревар, што би можел да се користи само за полуфиналињата. Во интервјуто за „Асошиејтед прес“ пред финалето во ЛШ, Чеферин рече дека луѓето во и надвор од фудбалот контактирале со него за да му кажат дека се „екстремно возбудени“ од завршниот формат сезонава со осум тима (т.н. фајналејт).
– Морам да кажам дека овој систем, со по еден натпревар наместо по два, дома и на гости, ми се чини поинтересен. Тоа е една од поинтересните работи што ни ја донесе пандемијата. Моравме да направиме ваков систем, моравме да играме на овој начин, но на крајот можеше да се види дека тоа е многу интересен систем. Сега, доста е комплицирано да се стави фајналејт во календарот. Но видовме дека луѓето сакаат возбудливи натпревари, дека на еден натпревар секој тим може секого да победи. Значи, треба да размислиме за иднината. Мислам дека во септември или во октомври ќе треба да почнеме сериозно да зборуваме за тоа – изјави Чеферин.
Тој вели и дека не е загрижен оти намалувањето на бројот на нокаут-мечеви би имало значително финансиско влијание врз УЕФА.
– Иако би имале помалку натпревари, нивната вредност би можела да биде поголема доколку се промовира правилно – вели Чеферин.
Завршен турнир на ЛШ со осум екипи во Лисабон беше изводлив и затоа што на двата стадиона не беа дозволени навивачи што значеше дека португалските власти не мораа да се справуваат со ривалските навивачи на улиците, а финален формат со четири екипи во еден град во текот на една недела би можел да биде попрактичен, пишува „Асошиејтед прес“.
– Вие сте една недела во центарот на вниманието на целиот свет и тоа може да биде фантастично, но мора да размислиме. Календарот е многу комплициран, фудбалерите играат речиси 365 дена годишно. Значи, мора да видиме како би го сториле тоа, ако го сториме. Мислам дека тоа е интересен формат, за кој порано не сме размислувале – рече Чеферин.