Од другите земји во Италија се играле по две континентални и планетарни првенства, а во 2024 година Германија ќе се израмни со Италија со по две домаќинства
Од европските земји досега 15 биле домаќини на европско (ЕП) или на светско првенство (СП) во фудбал, а од нив Франција најмногу, пет пати, и тоа трипати на континенталните (1960, 1984 и 2016 година) и двапати на планетарните првенства (1938 и 1998). Италија по двапати била домаќин, и тоа во 1934 и во 1990 на СП, а во 1968 и во 1980 на ЕП. Во 2024 година Германија ќе се приклучи со четири домаќинства, бидејќи во таа земја се играа мундијалите во 1974 и во 2006 година, како и ЕП во 1988 година.
Од другите земји, домаќини и на ЕП и на СП биле Шпанија (1964 и 1982), Шведска (1958 и 1992), Швајцарија (1954 и 2008) и Англија (1966 и 1996). Двапати ЕП било играно во Белгија (во 1972 година самостојно и во 2000 година заедно со Холандија). По еднаш домаќини биле Русија (СП), СФРЈ (ЕП), Холандија (ЕП), Португалија (ЕП), Австрија (ЕП), Полска (ЕП) и Украина (ЕП).
Со дисперзираното домаќинство на ЕП 2020 мечеви од континенталното првенство првпат ќе се играат во седум земји, и тоа Азербејџан, Романија, Русија, Република Ирска, Унгарија, Шкотска и во Данска, а уште еднаш во Англија, Германија, Италија, Холандија и во Шпанија.
Така, според планот, групата А ќе се игра во Рим и во Баку, групата Б во С. Петербург и во Копенхаген, групата Ц во Амстердам и во Букурешт, групата Д во Лондон и во Глазгов, групата Е во Билбао и во Даблин и групата Ф во Минхен и во Будимпешта. Осминафиналињата се предвидени за Лондон, Копенхаген, Букурешт, Амстердам, Даблин, Билбао, Будимпешта и за Глазгов, четвртфиналињата би се играле во Минхен, Баку, С. Петербург и во Рим, а потоа полуфиналињата и финалето во Лондон.