Фото: Игор Бансколиев

На еден меч сме до првото место, ќе сториме сѐ за да го добиеме или да ремизираме и на најдобар можен начин да ја завршиме оваа 2020 година, вели селекторот Ангеловски, кој за утрешната средба на неутрален терен со Ерменија не ќе може да смета на Пандев, Адеми, Барди, Алиоски, Спировски, Николов, Димитриевски, Елмас…

ФУДБАЛ – ЛИГА НА НАЦИИ

Македонската фудбалска репрезентација е на еден бод до освојување на првото место во групата 2, лига Ц што води во повисок ранг, во лигата Б во следното издание на Лигата на нациите (ЛН), по триумфот над Естонија во Скопје со 2-1 во петтото коло.
За прво место во групата на Македонија ѝ е доволно и реми на утрешниот натпревар против Ерменија, на неутрален терен во Никозија, на Кипар (почеток во 18 часот), за нов успех, по пласманот на Европското првенство (ЕП) в година, и по освојувањето на првото место во групата во лигата Д во минатиот циклус натпревари во ЛН.
Но пред овој дуел селекторот на Македонија, Игор Ангеловски, се соочува со многу кадровски проблеми. Ќе недостигаат повеќе клучни фудбалери од почетната постава, поради повреди, жолти картони, изолации итн. Последен на таа листа се најде Елиф Елмас, кој се пожали на повреда на мускулот по мечот со Естонија и им се придружи на Горан Пандев, кој доби поштеда, на повредените Аријан Адеми, Енис Барди и Езгјан Алиоски, ќе недостигаат и Бобан Николов и Стефан Спировски (жолти картони), Кире Ристевски (се наоѓа во изолација)…

Тоа значи дека Македонија практично ќе биде со преполовен состав, но тоа е и шанса за другите да одиграат најдобро што можат, да забележат добар резултат.
– Имаме многу играчки проблеми, најмногу ни недостигаат во средниот ред. На еден меч сме до првото место, да се пласираме во лигата Б, ќе сториме сѐ за да го добиеме, да ремизираме и на најдобар можен начин да ја завршиме оваа 2020 година – вели селекторот Ангеловски.
На натпреварот против Естонија во неделата блескаше младиот 20-годишен Елмас, кој прекрасно му асистираше на Влатко Стојановски (втор гол за Македонија) при постигнувањето на победоносниот гол. Првиот гол на тој меч за Македонија го постигна Иван Тричковски, негов шести погодок за репрезентацијата.
За македонската репрезентација тоа беше осми натпревар во низа без пораз, серија во која се забележани пет победи и три ремија. Последниот пораз Македонија го претрпе од Австрија, 1-2, на гости, лани на 16 ноември, во Виена, во квалификациите за ЕП 2020. 


ЛИГА Ц, ГРУПА 2

Македонија – Естонија 2-1
Грузија – Ерменија 1-2

УТРЕ
Ерменија – Македонија 18 ч.
Грузија – Естонија 18 ч.

ТАБЕЛА
Македонија 5 2 3 0 9-7 9
Ерменија 5 2 2 1 8-6 8
Грузија 5 1 3 1 6-6 6
Естонија 5 0 2 3 5-9 2