Ѕвездата на бразилската фудбалска репрезентација, Нејмар де Силва Сантос Јуниор, изјави дека се уште во целост не е заздравен од повредата на стапалото, иако Светското првенство во Русија ќе започне за нешто повеќе од две седмици.
Фудбалерот на Пари Сен Жермен се повреди во февруари и оттогаш воопшто нема настапено на ниту еден натпревар.
Претходно беше најавено дека 26-годишниот фудбалер ќе биде подготвен за пријателскиот натпревар меѓу Бразил и Хрватска на трети јуни, но сега и тоа е неизвесно.
– Не сум 100 процентно подготвен. Чувствувам нелагодност при правењето на одредени движења. Постои и доза на страв бидејќи три месеци сум надвор од теренот, но тоа нема да ме спречи. Има уште време до почетокот на Мундијалот, ќе направам се за да бидам подготвен – изјави Нејмар.
Бразил на Светското првенство во Русија се наоѓа во групата Е заедно со Швајцарија, Србија и Костарика.