Вечерва во првото полуфинале, за прв пласман во финалето на ЛШ, ќе играат Лајпциг – Пари Сен Жермен
Лајпциг и Пари Сен Жермен, вечерва во првото полуфинале во Лигата на шампионите (ЛШ), на мини-турнирот во Лисабон, ќе играат за пласман во големото финале, прво во историјата на двата клуба. Тоа ќе биде дуел меѓу тимови на кои навивачите на другите клубови им забележуваат дека немаат традиција, поради фактот што ПСЖ е формиран во 1970, а Лајпциг во 2009 година.
Во 2011-та ПСЖ беше купен од богатата бизнис-групација од Катар, финансирана од државата, по што почна да купува играчи и да ја „гази“ конкуренцијата во Франција, освојувајќи седум титули во последните осум години во Лига 1. Во меѓувреме Катарците ги платија и двата најголеми трансфера во историјата на фудбалот, на Нејмар и на Килијан Мбапе во 2017 година, за околу 400 милиони евра.
ПСЖ е петтиот најбогат клуб во светскиот фудбал, а клупските приходи во 2018/2019, според „Делојт“, изнесувале 635,9 милиони евра, објави агенцијата Асошиејтед прес (АП).
Нејмар е долгогодишен промотор (од 2010) на гигантот за енергетски пијалоци, компанијата „Ред Бул“, која минатата недела на Инстаграм му ги честита победата над Аталанта (2-1) и пласманот во полуфиналето. Нејмар и неговата групација веќе неколку години се домаќини на фудбалски турнир (играат по пет фудбалери), организиран од „Ред Бул“.
Германскиот клуб беше основан пред 11 години со парите на Дитрих Матешиц, газдата на Ред Бул, кој ја купи лиценцата од петтолигашот Марканштад создавајќи го Лајпциг. Според правилата на германската фудбалска лига (ДФЛ), тим не смее да носи име на спонзорот за да се спречи кој било поединец да има контролен удел во некој клуб. „Ред Бул“ поседува 49, а преостанатите 51 процент се во сопственост на вработените во компанијата.
Разликата во фудбалскиот модел меѓу ПСЖ и Лајпциг е во тоа што Катарците купуваат афирмирани, скапи играчи, а кај Германците акцентот се става на ангажирањето и развојот на млади, талентирани фудбалери. Но магазинот „Фројнде11“ напиша дека пласманот во полуфиналето не значи многу. „РБ Лајпциг е чист маркетиншки проект. Создаден е исклучиво за зајакнување на марката ’Ред Бул‘“, напиша магазинот, нарекувајќи го клубот „имитација“.
ПОЛУФИНАЛЕ
Вечерва
Лајпциг – ПСЖ
Утревечер
Лион – Баерн
ФИНАЛЕ
Недела, 23 август