Ли­вер­пул ја оси­гу­ри првата анг­ли­ска­ ти­ту­ла по 30 години, на ре­корд­ни се­дум ко­ла пред кра­јот на се­зо­на­та и за мал­ку по­ве­ќе од ед­на го­ди­на освои уште три други големи трофеи, за Ли­га­та на шам­пи­о­ни­те, Су­пер­ку­пот на УЕФА и за Свет­ско­то клуп­ско пр­венс­тво

ФУДБАЛ – ЗАВРШИ ТРИДЕЦЕНИСКОТО ЧЕКАЊЕ

По 30 години и 58 дена чекање Ливерпул ја освои титулата во англиската фудбалска Премиер-лига и за малку повеќе од една година заокружи неверојатна низа трофеи, во која се и пехарите за Лигата на шампионите, Суперкупот на УЕФА и за Светското клупско првенство. Но Ливерпул е на пат да урне неколку домашни рекорди сезонава, многу што ги држи Манчестер сити, кој беше првак претходните две сезони. Ливерпул ја осигури титулата во четвртокот, откако Челси го победи Манчестер сити дома со 2-1, со што на седум кола до крајот на сезоната Ливерпул има недостижни 23 бода предност пред Манчестер сити. Тоа е 19-та титула за клубот, една помалку од рекордерот во Премиер-лигата, Манчестер јунајтед.
– Немам зборови. Тоа е најдоброто нешто што можам да го замислам и повеќе отколку што некогаш сонував. Неверојатно е. Многу повеќе отколку што некогаш мислев дека е можно. Да се стане шампион со овој клуб е апсолутно неверојатно. Тоа е неверојатно достигнување од моите играчи… и голема радост за мене што ги тренирам – рече Клоп за „Скај спорт“, а пренесе „Би-би-си“.

Од рекордите што ги собори, Ливерпул ја освои Премиер-лигата со најмногу мечеви пред крајот на сезоната, седум, со што го собори рекордот од пет кола што го држеа Сити (сезона 2017/18) и Манчестер јунајтед (2000/2001). Црвените би можеле да ја завршат сезоната со неверојатни 107 бода (сега рекордот е 100 бода во една сезона, поставен од Манчестер сити во сезоната 2017/2018, потоа за најмногу победи во сезоната во Премиер-лигата (Ливерпул има 28, а Сити 32 од сезоните 2017/2018 и 2018/2019), за најмногу победи на домашен терен и за најголема бодовна разлика при освојувањето на титулата (рекордот во Премиер-лигата е на Сити, 19 бода во сезоната 2017/2018).
– Мора од сомневачи да станеме верувачи – рече харизматичниот Клоп, додека седеше пред новинарите кога стана кормилар на Ливерпул, пишува „Би-би-си“.
Помалку од пет години подоцна никој не се сомнева во Клоп или во неговите играчи. Ливерпул и нивниот менаџер беа принудени да чекаат дополнителни три месеци за нивно крунисување, бидејќи сезоната беше стопирана од пандемијата на коронавирусот, но пехарот е награда за неговата ревитализација на клубот и поддршката, пишува „Би-би-си“.

Клоп верува дека теренот за тренинг е местото каде што се прави разликата. Тоа е местото каде што се вежба, каде што се испробуваат тактичките идеи. Секоја сесија Клоп прецизно ја планирана со својот персонал, пред тренинг. Потоа, тој ќе им се обрати на своите играчи за да ја претстави својата работа. Тој не е само менаџер на Ливерпул, тој е и тренер на Ливерпул. Секој аспект од секој ден е исцртан и анализиран во минутни детали, пишува „Би-би-си“. Во подготовките за мечевите тој собира информации пред да ги кондензира во суштинските и најитните детали. На „Енфилд“ ова се смета како клучна вештина што помага да управува со неговите најдобри квалитети – можност за брзо носење големи одлуки, пишува „Би-би-си“.
Следниот меч на Ливерпул е идната недела, на гости кај Манчестер сити.


НАЈМНОГУ ТРОФЕИ ВО АНГЛИЈА

Манчестер ј. 20
Ливерпул 19
Арсенал 13
Евертон 9
Астон Вила 7
Сандерленд 6
Манчестер с. 6
Челси 6