Гордон Тејлор, главниот извршен директор на Здружението на професионални фудбалери, вели дека постои идеја полувремињата да траат помалку од 45 минути
Пократки натпревари се дел од плановите за рестартирање на сезоната во Премиер-лигата, според главниот извршен директор на Здружението на професионални фудбалери (ПФА) на Англија, Гордон Тејлор, објави „Гардијан“. Тејлор вели дека се разгледува опцијата полувремињата да траат помалку од 45 минути.
– Не знаеме што ќе биде во иднина. Она што го знаеме се некои предлози и идеи. Тоа се можноста да има повеќе замени, натпреварите да бидат пократки од 45 минути по полувреме, се зборува за неутрални стадиони, има многу работи во оптек. Треба да почекаме, да видиме какви се предлозите, а потоа да им дозволиме на менаџерите, тренерите и на играчите да ги разгледаат и сите да дојдеме до разумно решение – вели Тејлор.
Натпреварите во Премиер-лигата беа прекинати од март и, со дозвола на Владата, планот е сезоната да продолжи во јуни. Светската фудбалска федерација (ФИФА) предложи да се дозволат дополнителни измени, од три на пет, за да им се помогне на играчите да се справат со згуснатиот распоред и играњето повеќе натпревари во кратко време, со што би се избегнале повредите по долгата пауза без тренинзи и натпревари. Тејлор рече дека протоколот за враќање на фудбалот, подготвен во соработка со медицинските експерти и Владата, треба да биде ставен на увид на играчите и на тренери што е можно порано и да биде разгледан од сите клубови. Тој посочи дека на играчите ќе им биде дозволено да решат дали ќе сакаат да играат или не.
– Секако, тие се загрижени за сопствената0, не се глупави, ниту се наивни, па затоа треба да бидат сигурни дека е безбедно да се игра и тоа треба да биде нивни избор – вели Тејлор.
Секретарот за здравство, Мет Ханкок, за „Би-би-си“ изјави дека е „отворен“ за рестартирање на сезоната во Премиер-лигата, но дека „безбедноста мора да биде најголема“.