Ефектот од неодамна одржаното Светско првенство (СП) во фудбал (од 14 јуни до 15 јули) врз руската економија во периодот од 2013 до 2018 година изнесува 12,5 милијарди евра, се вели во извештајот на Организацискот комитет (ОК) на СП.
– Кумулативното влијание на СП на рускиот бруто-домашен производ (БДП) за периодот од 2013 до 2018 година е 952 милијарди рубли (12,5 милијарди евра), што е околу 1,1 отсто од годишниот БДП. Вкупниот ефект на СП за економијата на секој од регионите во Русија каде што се играа натпреварите беше од два до 20 отсто од годишната вредност на БДП. Долгорочниот годишен ефект од СП на БДП на Русија во следните пет години ќе изнесува од 150 до 200 милијарди рубли (од 2,3 до 3,2 милијарди евра) – се вели во извештајот.
Најмногу, една третина од проектираната заработка во иднина се очекува да биде од зголемената туристичка понуда и од потрошувачката, потоа од вложувањата во инфраструктурата и во други дејности.
Во извештајот, исто така, се наведува дека биле отворени нови 315.000 работни места на годишно ниво во Русија. За подготовките и за одржувањето на СП Русите потрошиле над девет милијарди евра.